Македонија
Заев со претставници на Советот на амбасадорите: Успешните интеграции се вистинска можност за економски развој на земјата

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со претставници на новоформираниот Совет на амбасадорите: претседателот Љупчо Арсовски, потпретседателот Мухамед Халили и членовите на Извршниот одбор, Тихомир Илиевски, Нано Ружин и Иљаз Сабриу.
На средбата се поздравени политиките на Владата, кои отворија пат за НАТО и за ЕУ-интеграциите на нашата држава. Оценето е дека Владата го направи потребното да ја постави државата на правиот пат и дека успешните интеграции се вистинска можност за економски развој на земјата.
Заеднички е изразено очекување дека ќе бидат вреднувани постигнувањата на земјава на домашен и меѓународен план и дека Република Северна Македонија, како што заслужува, ќе добие позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври и датум за почеток на преговорите.
На средбата беше објаснета мисијата на независното, непрофитабилно здружение на амбасадори и поранешни министри за надворешни работи, Советот на амбасадорите, кое, како што е речено, е основано со цел да помогне во креирањето и успешно имплементирање на надворешната регионална и меѓународна билатерална и мултилатерална политика и ЕУ и НАТО-интеграциите преку поддршка и предизвикување на институциите надлежни за надворешната политика да носат праведни и квалитетни одлуки засновани врз база на сестрани и квалитетни анализи.
Членовите на Советот на амбасадорите рекоа дека како луѓе со големо професионално и животно искуство, во кои вложувала државата, сакаат да го возврат тоа знаење на својата земја.
Премиерот Заев изрази поддршка на иницијативата на членовите на Советот на амбасадорите да ѝ помогнат на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради технички зафати во водоводната мрежа на улицата Филип Втори (пред хотелот Холидеј ИН) прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Филип Втори, Мирче Мацан, Мирче Ацев и Кеј 13 – Ноември, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Дел од Батинци денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од дел од село Батинци, општина Студеничани.
Корисниците ќе бидат без струја од 08:30 до 13:30 часот.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 28 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во ноќта петок кон сабота и во сабота претпладне ќе биде нестабилно со локални поројни врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни проследени со појава на грмежи.
Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а во понеделник се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневните температури од сабота ќе бидат во опаѓање.