Македонија
Утре ќе биде претежно сончево и свежо

Времето утре ќе биде претежно сончево и свежо со ниски утрински температури и со слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти меѓу -1 и 9, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со слаб претежно северен ветер. Температурата ќе се движи од 4 до 22 степени.
За време на викендов времето ќе биде стабилно, до понеделник со ниски утрински температури. Во понеделник попладне и во вторник ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: СДС ги продаваше македонските интереси, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги врати дел од позициите на Македонија на меѓународен план

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, се обрати на 34-годишната конференција на Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Една од темите за која тој говореше се однесуваше на опозициската СДСМ, и нивните политики кои, како што кажа, се целосно без вредности, без етика, а и базирани врз материјални интереси и моќ. Според него, Македонија победува на меѓународната сцена, а во контекст на ЕУ и позицијата која Македонија сега ја застапува, посочи дека Европа сега има слух за вистината за македонскиот идентитет.
„Ги слушам од опозицијата како велат дека СДСМ ги градела темелите на Македонија. Сакам од овде, од Велес, од овој величествен настан, да ги прашам: Кои темели ги градевте вие? Дали оние темели кога во времето на транзицијата, ја ограбивте, опустошивте Македонија. Кога нашите родители губеа работа, кога со тажни чела и погледи не гледаа кога се враќаа од работа дома, затоа што имаа неизвесна егзистенција за себе и за своите семејства. Дали на тие темели зборувавте кога ја опустошувавте Македонија, кога стотици илјади македонски граѓани останаа без работа. Или пак, на оние темели кога го менувавте името, кога го менувавте знамето, и го прифаќавте оној срамен договор, со Бугарија, ставајќи ја Македонија во подредена улога? На тие ли темели зборувате“, праша Мицкоски.
Мицкоски посочи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ откако е на власт ги врати дел од позициите на Македонија на меѓународен план, истото она коешто СДСМ го продаде. Тој додаде дека приказната за Македонија денес е позната и во Минхен, Берлин, и во Лондон, и во Брисел.
„Позади нас се денови кога се боревме во Брисел, да биде усвоена резолуцијата со којашто се зборува за прв пат од осамостојувањето на нашата татковина, за посебен македонски вековен идентитет. За посебен, македонски јазик. За наследство коeшто е со векови старо. Кога не гледаа како се бориме, молеа бога да не успееме, кога гледаа како аргументираме, како на маса ја добиваме битката се молеа да не успееме. Им олесна, кога бриселските политичари одлучија извештајот да го поместат наместо пред неколку дена на 24 јуни овој месеци. Но нема бегање. Тој извештај ќе биде усвоен затоа што цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет. И тоа ќе го поддржат, за македонскиот јазик којшто е факт“, вели Мицкоски.
Тој објасни дека политиките на СДСМ се само базирани врз материјални интереси, потреби и моќ, и тие делуваат без вредности, без етика. Според него, овој пат, Европа има слух за вистината за македонскиот идентитет.
„Колку и да овие од опозицијата да се подаваат дека немало потреба, дека немало потреба дека тие кога е дошле ќе прифателе се што им било ставено на маса, па дури ако треба и од Македонци да ги избришеле. Само да има нови фабрики за марихуана. Само да има тендери. Само да има грабеж и пљачка. Тоа беше, драги пријатели, тажната вистина којашто Македонија ја живееше 7 години. Порази ограбување, опустошување, срам. Тоа се карактерните особини на денешната опозиција. И кога ќе ги видите и едните и другите и третите како заедно не напаѓаат, тогаш бидете сигурни, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и оваа влада се на правиот пат на патот заедно со народот. Тоа е патот на иднината“, заклучи Мицкоски.
Македонија
(Фото) ДЗС: Пронајдена артилериска граната од 65 mm од Првата светска војна во Ресенско

Вчера во 18.50 часот од крај брегот на Преспанското езеро на плажата „Сливница“ во општина Ресен, од страна на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) е интервенирано за отстранување неексплодирано убојно средство (НУС) од минатите војни, а по пријава на 112 во ЦУК.
Конкретно, била пронајдена артилериска граната од 65 mm од Првата светска војна. Се работи за граната којашто била истрелана и веќе поминала низ топовска цевка што се препознава по нејзиниот ребраст прстен, но поради непознати причини после истрелувањето не ја завршила целта, не експлодирала. Истата е ризична за поместување, а нејзината запалка е опасна, бидејќи при удар е можно да дојде до нејзино активирање, извести ДЗС.
По претходно внимателно испитување на нејзината состојба, таа е безбедно подигната, и од пиротехничарот од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Битола, Ѓорги Стефанов, е отстранета и пренесена безбедно до соодветен магацин за НУС.
ДЗС апелира до граѓаните кога ќе пронајдат неексплодирани убојни средства да не ги фаќаат и поместуваат, туку едноставно да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, по што надлежните институции и служби ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани.
Македонија
Влада: Tелефонската линија за сите повредени и нивните семејства во трагедијата во Кочани е во функција, Пониква станува центар за рехабилитација

Од денес телефонската линија за сите повредени и нивните семејства во трагедијата во Кочани е во функција, извести Владата.
„Преку директна комуникација секој од повредените лица и семејствата ќе може да се јават, да ги искажат своите барања кои ги имаат, како и да понудат предлози и конкретни потреби.
Телефонскиот број 070/355-526 на кој ќе можат да се јават повредените и семејствата е јавно достапен, и е директна комуникација управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата“, соопшти Владата.
„Никој нема да биде заборавен. Наш приоритет е повредените од кочанската трагедија да добијат соодветна медицинска нега и целосна рехабилитација, за да можат да продолжат со животот понатаму.
Токму поради тоа, на владина седница ќе се донесе одлука со која одморалиштето Пониква кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи ќе се отстапи за потребите на Министерството за здравство, односно за пациентите кои веќе се во стабилна состојба, но имаат потреба од понатамошен третман.
Одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, а ќе биде обезбеден и дополнителен медицински кадар кој ќе пружи целосна медицинска нега на пациентите.
Ова значи дека повредените лица на кои им е потребна дополнителна здравствена заштита ќе можат да ги користат овие услуги.
Како Влада сме целосно посветени да обезбедиме здравствена заштита на повредените од трагедијата во Кочани.
Дополнително, ги замолуваме политичките партии да се воздржат од некрофилија и да дозволат случајот целосно да го водат институциите.
Напомнавме дека секој што е инволвиран во овој случај, мора и ќе одговара. Без разлика на неговиот статус во општеството или припадност на политичка партија“, се додава во соопштението на Владата.