Македонија
Почитувањето на човековите права е обврска на државата и на сите сопственици на бизниси
Во рамките на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“, денеска во хотел Арка се одржа национална „Конференција за бизнис и човекови права“.
Осумдесетина претставници од стопанските комори, компании, граѓанските организации и меѓународни експерти заклучија дека имплементацијата на Водечките принципи за бизнис и човекови права на ОН (ВПОН) во политиките и работењето на бизнисите во голема мера зависи од создавањето на поттикнувачки услови од страна на државата и од напорите на бизнисите и нивните организации. За посветеноста на државата кон човековите права и нивната поврзаност со ЕУ интеграциите говореа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и висок претставник на Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија, Вирве Вимпари.
Во своето обраќање, Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението Конект, рече дека ново поглавје во начинот на кој компаниите ширум светот го водат својот бизнис почна во 2011 година кога Обединетите нации ги усвоија Водечките принципи за бизнисот и човековите права.
„Додека претходно државата ја имаше примарната улога во почитувањето на човековите права, сега е општо прифатено дека компаниите имаат подеднакво одговорност да ги почитуваат во сите сегменти на работењето, од вработените, потрошувачите, синџирите на снабдување, заедницата во којашто работат. Во нашата земја рамката за бизнисот и човековите права е многу малку позната па преку оваа иницијатива сакаме нашите компании, иниституции и други чинители да ги вклучиме во глобалните текови“, рече извршната директорка на „Конект“, организација која што долги години работи на поттикнување на општествената одговорност.
Отворено се дискутираше за имплементацијата на ВПОН во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите. Покрај тоа беа споделени наодите од истражувањето „Почитување на човековите права во бизнис-секторот“ од коешто произлегува заклучок дека компаниите повеќе декларативно се грижат за човековите права во обемот во кој тоа го налагаат правните прописи, додека е сè уште мал бројот на компании, коишто имаат направено обид за интегрирање на ВПОН во своите интерни политики и спроведуваат претходна проверка на човековите права. Во пракса мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права. Само 28,8% од вклучените компании прават проценка на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6% потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока.
На конференцијате се споделија најдобрите приоди на локално и меѓународно ниво од домашни и странски бизнис претставници и експерти. Се обратија и Мариа Алексиу, директорка за општествена одговорност од Групацијата Титан- Грција, а гостин говорник беше и Звездана Олујиќ од канцеларијата на (Меѓународната организација на трудот) за Централна и Источна Европа.
„Работодавачите треба да ги искористат ВПОН и добрите практики што ни беа пренесени како платформа за развивање на својот бизнис“, рече Миле Бошков, претседателот на Бизнис-конфедерација.
„Конференцијата за бизнис и човекови права“ покажа дека потребни се континуирани напори за зајакнување на свеста и капацитетите за имплементација на ВПОН кај сите релевантни чинители (државните органи, бизнисите, организациите на работодавачи и работници, граѓанските организации и граѓаните) во насока на создавање на клима на транспарентност, отчетност и одговорност.
„Конференцијата за бизнис и човекови права“ се организираше во рамки на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Конект во партнерство со Бизнис-конфедерација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.

