Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Котевски од најлош директор на затвор до трет човек во БЈБ

Во Македонија владее криминалот, а МВР е целосно блокирано заради политизацијата и непрофесионалното раководење од страна на министерот Оливер Спасовски, обвини Орце Ѓорѓиевски Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо почитување на системот на кариера и стимулирање на професионалците во министерството, полицијата се партизира и парализира целосно со кадри блиски до Спасовски. Партискиот октопод на Спасовски во МВР од неодамна доби уште еден крак. Тоа е функционерот на СДСМ од Бутел Ѓорѓи Котевски, добро познат на јавноста како поранешен директор на истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.
Ѓорѓи Котевски е вработен во МВР на позиција Виш полициски советник за меѓународна соработка. Ѓорѓи Котевски со решение на Спасовски станува, ни помалку, ни повеќе, трет човек во хиерархијата на Бирото за јавна безбедност. Ѓорѓи Котевски нема ниту ден работно искуство во полиција, но затоа ќе има под него илјадници полициски службеници кои кариерата ја граделе макотрпно, секојдневно ризикувајќи ги сопствените животи.
Ова не е само уште едно обично партиско вработување, ова е целосно поигрување со системот и негово целосно подривање. Ѓорѓи Котевски ќе има преку 1000 бодови и ќе зема плата од околу 45. 000 денари, а човекот е приправник во МВР.
Затоа отворено прашуваме, кои се квалификациите заради кои Котевски е примен на оваа функција? Дали е тоа неговата кариера во една фурна во Скопје? Дали е тоа неговиот придонес како претседател на општинската организација на СДСМ во Бутел или пак Спасовски и Заев го наградуваат затоа што за време на неговиот мандат најбрутално беа нападнати и претепани Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски?
Човекот имаше катастрофални резултати како директор на затворот во Шуто Оризари и поради истите катастрофални резултати како што знае целата македонска јавност истиот беше приндуен да си даде оставка, но очигледно тоа не е проблем за Оливер Спасовски да му довери трета по ранг функција во хиерархијата на БЈБ.
Господине Спасовски, престанете да го уништувате МВР, додека не е предоцна. Повлечето го решението и престанете да ги шиканирате професионалците за сметка на вашите партиски послушници. За штетата која што ја правите секојдневно во МВР за многу скоро ќе има одговорност, порача Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела.
Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека таа ја добила наградата „за нејзината неуморна работа за промовирање на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.
Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Таа е основач на движењето „Vente Vente Venezuela“ и симбол на борбата за демократски промени во земјата, позната по своите либерални и продемократски ставови.
Две децении, Марија Корина Мачадо е најпрепознатливото лице на венецуелската опозиција и симбол на борбата против режимот на Николас Мадуро. Оваа 57-годишна инженерка, поранешна членка на Националното собрание и лидерка на либералното движење „Vente Vente Venezuela“, е позната по своите непопустливи критики кон авторитарната влада и повикува на враќање на демократијата во земја уништена од корупција, инфлација и политички прогон.
На почетокот на 2000-тите, Мачадо ја основа организацијата Сумате, која се бореше за фер избори и транспарентност, поради што таа често беше цел на властите. Во јануари 2024 година, како што се приближуваа претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела, контролиран од Мадуро, ја дисквалификуваше од политиката 15 години, забранувајќи ѝ да се кандидира за функција. Ројтерс и Би-Би-Си известуваат дека Мачадо потоа ја именуваше професорката Корина Јорис за нејзина замена на опозициската листа.
И покрај забраната, Мачадо продолжи да се појавува во јавноста, собирајќи поддржувачи низ цела Венецуела. Во јануари 2025 година, таа беше накратко уапсена по говорот во Каракас, а сведоците тврдеа дека нејзиниот конвој бил нападнат. Според Би-Би-Си, таа набрзо беше ослободена, додека властите негираа дека се случиле какви било апсења.
CNN и Ројтерс известуваат дека Мачадо се смета за клучна фигура во демократската опозиција од страна на меѓународната заедница, вклучувајќи ја Европската Унија и САД. Таа е добитничка на неколку меѓународни награди, вклучувајќи ја наградата Сахаров за слобода на мислата (2024) и наградата Вацлав Хавел за човекови права.
За многу Венецуелци, Марија Корина Мачадо останува симбол на храброст, граѓански отпор и надеж дека земјата, по години авторитарно владеење, ќе најде пат назад кон слободата и политичките промени.
Фото: ЕПА
Македонија
(Фото) Општина Центар испрати протестна нота до австриската амбасада поради паркирано возило во пешачка зона

Општина Центар – Скопје испрати протестна нота до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање и загрозување на безбедноста на пешаците.
Во целост ја пренесуваме протестната нота, потпишана од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Општина Центар – Скопје упатува најостар протест поради непрописното паркирање на дипломатско возило на австриската амбасада со регистарски таблици 22-CMD-01, кое на 8 октомври 2025 година (среда) било паркирано во пешачка зона во паркот во населбата Капиштец, во близина на улицата „Народен фронт“, наспроти угостителскиот објект „Интермецо“.
Оваа постапка претставува директно прекршување на сообраќајните правила и нарушување на јавната безбедност.
Овој простор е наменет за рекреација на граѓаните, со спортски и детски игралишта каде секојдневно престојуваат деца, млади и семејства. Со ваквото однесување се загрозува јавниот ред и безбедноста во урбаната средина.
Општина Центар потсетува дека, и покрај дипломатскиот статус на возилата, почитувањето на локалните прописи и правилата за јавен ред и безбедност е основен принцип што важи за сите, вклучително и за дипломатските претставништва во Република Северна Македонија.
Во таа насока, Општина Центар бара од Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Република Австрија и да преземе соодветни дипломатски мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
Општината ја користи оваа прилика да го изрази своето уверување во взаемното почитување и соработка со дипломатската заедница, во духот на добрите односи и меѓусебното разбирање“.
Македонија
Партија на Турците: Полициски службеници нѐ држеа еден час, МВР итно да преземе мерки

Изборниот караван, предводен од претседателот на Партијата за движење на Турците – ТХП, Енес Ибрахим, вчера, од страна на полициски службеници бил спречен да ги реализира своите изборни активности во село Корешница, општина Демир Капија,
„Нашиот караван беше пресретнат од полициско возило без функционална сигнализација и соодветна ноќна безбедносна опрема. Полициските службеници постапија на крајно непрофесионален, недоличен и агресивен начин, задржувајќи нè цел час во центарот на селото, при што предизвикаа вознемиреност и кај локалното население“, велат од партијата.
Според партијата, ваквиот пристап е неприфатлив за едно демократско општество, особено што станува збор за инцидент кој се случува во екот на изборната кампања. Наместо да внесе чувство на сигурност и доверба кај граѓаните, велат од ТХП, полицијата демонстрира однесување кое создава страв и притисок.
Од Партијата на Турците велат дека за овој немил настан се информирани сите релевантни меѓународни организации кои го следат изборниот процес, а ќе бидат поднесени и соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до МВР итно да преземе мерки за целосно расчистување на случајот и да стави крај на полициската агресија врз граѓаните. Партијата за движење на Турците – ТХП и турската заедница нема да подлегнат на вакви провокации и притисоци. Напротив, продолжуваме со уште поголема решителност и мотивација да ги реализираме нашите изборни активности, со единствена цел – демократски, транспарентни и фер избори“, велат од партијата.