Македонија
(Видео) Стоилковски: Дончев не одговори зошто соработувал со компанијата за која тврдел дека има криминал
Ден Дончев и Венко Филипче по кој знае кој пат се фатени во криминоген, коруптивен скандал и се уште се на функција и немаат абер од оставки за да остават вистинска истрага за скандалот Рекет2. Октоподот на власт, исто како за Леонардо и за Рекет1, еве и за Рекет2 продолжува со притисоци кон медиуми и новинари, соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ниту Ден Дончев, ниту власта и институциите не одговорија, зошто Фондот на Дончев непречено соработува со компанијата за која тврдел пред странски инвеститор дека има криминал – компанија за која во тоа време нема ниту истрага ниту процес, ниту пак денес има докажан криминал? Дали зад намерата да се сопре продажбата стои изнуда на пари и месечни транши кај благајник со брада во струмичко?
Ден Дончев, директорот на ФЗОМ, јасно не демантираше дали го знае и дали контактирал со Зоран Милески Кичеец? Дали преку него требало да биде сопрена продажбата, за компанијата да биде продадена потоа на купувач по избор на Дончев и Октоподот на власт? Ако е ова точно, дали мотивот и за ова се месечни транши кај благајник со брада во струмичко?
Дончев за случајот Рекет2, не негираше дека вршел притисок врз приватна компанија со уцена преку спречување на нејзина продажба на странски инвеститори. Дончев децидно не демантираше ниту злоупотреба и вмешаност на Управата за финансиско разузнавање за притисок врз приватната компанија.
Во Рекет2, според поднесена кривична пријава, директор на Фондот за здравство Дончев, заедно со министерот Филипче, вршеле притисок врз странска компанија да не инвестира, да не купи македонска компанија, доколку Октоподот нема ќар од тоа. За притисокот врз договорот, за Рекет2, неминовно е запознаен и Зоран Заев. Ако не од Дончев и Филипче, од шведскиот амбасадор, кој што се знаел и разговарал со него! Ама Заев не го пријавува Рекет2 кај Рускоска! И овој пат нема порака „Многу си го обрал друже“.
Уште повеќе, кога планот на Дончев и на Филипче не успева, по 10 месеци, се злоупотребуваат институции како Управата за финансиско разузнавање и други институции за да биде казнета домашната компанија, казнета бидејќи цела година нема никаков резултат од истрагата, а бизнисмените не можат да ги плодат парите, бидејќи наводната истрага им ги замрзнува.
Си го бараат ли со тоа Ден Дончев и Венко Филипче рекетот? Дали изнуда на пари од директор на државен фонд и министер, а за тоа знае и премиер, не ги прави злосторничко здружување?“ праша Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

