Култура
Со филмот „Манаки – приказна во слики“ вечерва ќе се спуштат завесите на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола

Вечерва, на затворањето на 40. јубилејно издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на лауреатот на Златна камера 300 за животно дело, кинематограферот Јоргос Арванитис свечено ќе му биде врачена наградата, а меѓународното жири ќе ги соопшти имињата на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 за најдобри кинематографски остварувања од годинашанта Главна селекција. Исто така ќе биде врачена и наградата „Мала камера 300“ за најдобиот кинематографер во селекцијата Кратки филмови. Веднаш потоа ќе се одржи специјална проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“,чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкуловски и кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.

Ерик Готје и Јоргос Арванитис на „Браќа Манаки“
Вчера вечер, пак, свечено беа доделени и наградите кои се доделуваат првпат годинава – за најдобар ангажиран документарен филм, која ја доделува Општина Битола и за најдобар филм според публиката од програмата Мак поинт.
Трочленото жири кое одлучуваше за најдобар документарен филм, го награди „За Сама“ на режисерката и кинематограферка Ваад ал-Катеаб и кинематограферот Едвард Вотс, опишувајќи го како интимно и епско патување во време на војна, низ очите на една новинарка. Користејќи ја камерата, новинарката ги има уловено драматичнните мигови во Алепо, Сирија и страдањето на невините луѓе за време на стравотните бомбардирања и воените напади на градот.
„Заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска одлучивме да ја воведеме оваа награда на фестивалот бидејќи на тој начин ја продолжуваме традицијата на браќата Манаки, кои се првите документаристи на овие простори. Се надевам дека овој пристап и однос кон нивното творештво ќе остане аманет и за оние кои и во иднина ќе бидат дел од овој фестивал и дека ќе го негуваат документарниот филм“, рече Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.
Во програмата Макпоинт, која ги прикажува најновите остварувања на македонските автори, публиката гласаше по секокја проекција и според нејзините гласови, победи филмот „Скопје 2020“ на режисерот Радован Петровиќ и кинематограферот Андреј Лембанов.
„Одлучивме да ја воведем оваа награда и на тој начин дополнително да ја вклучиме публиката во фестивалот и во филмскиот свет. Се надевам дека наградата ќе ги мотивира младите македонски филмски професионалци да продолжат да творат и да бидат дел од Мак поинт програмата, рече Ана Василевска“, селекторка на оваа програма.
Френк Грибе, кинематографер на филмот „Лара“ кој беше прикажан во главната компетиција, денеска во разговор со Благој Куновски Доре , селектор на програмата се потсети на своето прво доаѓање во Битола пред 24 години.

Френк Грибе – кинематографер на филмот „Лара“
-„Лара“ има поестетски пристап и создава атмосфера со главниот лик која во Карлови вари беше наградена како најдобра млада актерка. Неговиот последен филм е трета соработка со еден од најинтересните режисери и претставува германски филм со француска естетика. Вчера околу 450 луѓе го гледаат филмот и публиката остана до крајот на филмот, рече Куновски.
За тоа какво е чувството да се присуствува на проекција на која се исполнети седиштата, за естетиката на филмот и соработката со режисерот, Грибе рече дека им требало подолго време за да го најдат заедничкиот јазик со режисерот.
-Откако на првиот ден за снимањето ја поставивме камерата и почнавме да се движиме, следниот ден режисерот рече дека треба да бидеме статични и така продолживме да снимаме до крајот на филмот со статични кадри. Зборувавме при снимањето за работата на Бергман и Антониони и нивното влијание може да се почувствува во филмот, рече Грибе.
Во филмот се мешаат трагедија и комедија, а поголемиот дел од тоа е содржано во сценариото кое е старо 10 години. Сценаристот доаѓа од Словенија, Блаш Кутин и тој ја раскажа приказната за Лара која го слави 60 роденден и во таа посебна вечер нејзиниот син ќе одржи деботантски пијано-концерт. Лара ја зацртала неговата музичка кариера, но на настапот не е добредојдена.
Минатогодишниот добитник на Сребрена камера 300 дојде во Битола за да ги поддржи своите пријатели Лакман и Арванитис.
Ерик Готје, кинематографер кој минатата година на фестивалот „Браќа Манаки“ ја доби наградата „Сребрена камера 300“ допатува во Битола и денеска сподели искуства од учеството на фестивалите во Венеција, Кан и овде во Битола.

Ерик Готје со Куновски. Готје минатата година на фестивалот „Браќа Манаки“ ја доби наградата „Сребрена камера 300“
„Секогаш е задоволство да се биде во Битола. Благодарен сум што ме побаравте да бидам член на жирито, поради обврски не можев да учествувам, но еве направив напор да дојдам на свеченото затворање на фестивалот. Овде се запознавам со многу кинематографери, драго ми е што Ед Лахман и Арванитис имаа специјални проекции во нивна чест, бидејќи тие се мои пријатели и колеги кои многу ги ценам, и каде би дошол на друго место ако не овде-на местото каде се спојуваат кинематограферите“, рече Готје.
Константин Есаѕе, кинематографер на филмот „Деде“ во разговор со Слаѓан Пенев, во рамки на програмата Грузија-земја во фокус“ разговараше за предизвиците при снимањето.
Филмот раскажува приказна за една жена и три мажи. Дина може да ги предизвика строгите традиции на длабокиот Кавказ, но дали ќе издржи нејзиниот дух?

Константин Есаѕе во разговор со Слаѓан Пенев, во рамки на програмата Грузија-земја во фокус“
„Ова е одличен фестивал за кинематографери , но каде е мојата награда?, се пошегува на почетокот Константин. Мојот германски колега кој пред мене беше овде рече дека 1 милион долари е мал буџет, па би сакал да прашам каков буџет е 100.000 евра? Патувавме низ Кавказ баравме локации за снимање во текот на три сезони: зима, пролет и есен. Поради малиот буџет моравме да набавиме евтина камера, тоа е АGASO. Дали некој слушнал за ваква камера? Мислам дека не. Тоа е многу евтина камера, но филмот го снимивме со неа. Поради временските неприлики, на Кавказ е многу студено и имаше многу снег, сите се разболевме, но успеавме да го завршиме филмот“, рече Есаѕе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Младите музички таленти блеснаа под сводовите на „Света Софија“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ одржа завршниот концерт од Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика што се одржува под уметничко раководство на македонскиот виолинист Емилио Перцан и азербејџанската пијанистка Тамила Гулиева.
Виртуозното мајсторство над виолината, уметникот и професор Емилио Перцан, во текот на изминатите денови во Охрид несебично го пренесуваше на младите генерации уметници кои допрва треба да ја градат својата музичка кариера.
-Тоа е и целта на семинарот, затоа и го правиме во изминатите 13 години во Охрид и претходно три години во Хрватска. Секогаш е задоволство што крајниот концерт е овде, во црквата „Света Софија“. Годинава имаме учесници од Македонија, Србија, Словенија, првпат од Австралија, од Перу… кои се на возраст од 13 до 25 години, вели Перцан.
Семинарот постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Р. Хрватска, а од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид.
Досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од многу земји во светот. На нив, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. По завршувањето на ваквата летна музичка школа, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Култура
Maкедонскиот уметник Цветин им пиша на Трамп и на Путин – да не се повторат Хирошима и Нагасаки

Македонскиот сликар и уметник Живко Поповски-Цветин упати писма до американскиот и до рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.
На англиски и на руски јазик, во писмата упатени до американскиот и до рускиот претседател, Цветин порачува да не се повтори катастрофата со фрлање на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки.
„По повод вашата средба што набргу ќе се одржи на Алјаска, како поддршка, авторот на изложбата ‘Цвеќе на мирот’, која е отворена во знак на одбележување 80 години од Хирошима и Нагасаки, ви испраќа една од своите изложени слики со надеж дека со оваа средба ќе се најде решение за прекин на дејствата и да владее мирот во светот“, пишува Цветин.
Цветин пред извесно време ја отвори изложбата „Цвеќе на мирот“ во галеријата „Метаноја“, на која учествуваа Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко-поетски перформанс имаа музичарите Никола Стојковски и актерката Арна Шијак. За оваа изложба д-р Коста Милков рече дека „во текот на годините на неговите заложби за мир Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025 со име ‘Цвеќе на мирот’ по повод Деновите на уметноста во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“.
Цветин е и креатор и идеолог на декларацијата за мир во светот и против војните и употребата на нуклеарното оружје, која досега ја потпишаа повеќе од 3.500 лица. Оваа декларација е отворена за потпишување како крик против војните и употребата на нуклеарното оружје и во поддршка на мирот во светот.
За сите потфати Цветин ќе каже „Цвеќето во човекот не ги сака ветровите на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку само пресликувам цветови во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.
Живко Поповски-Цветин (1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и има подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и кај обични луѓе во светот.
Култура
Драмскиот театар Скопје, по четири успешни изведби во Будва, настапува на Охридско лето

По премиерата и вкупно четирите изведби на 39. фестивал „Град театар“ во Будва, каде што публиката со големо воодушевување ја прифати претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, НУ Драмски театар Скопје најавува дека со оваа најнова копродукција ќе гостува во Охрид.
Македонската публика ќе има можност да ја гледа возбудливата и духовита комедија во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, на 17 август (недела) од 21:00 часот, во Центар за култура „Григор Прличев“.
Режијата е на реномираниот хрватски автор Иван Пеновиќ, а текстот е на еден од најзначајните драмски писатели во регионот – Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче Љубљана и „Град театар“ Будва, создадена во чест на петгодишнината од смртта на авторот.
Во програмската белешка се вели: „Ова е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте во 1972 година, во период на бурни историски движења и под влијание на ‘Сексуалната револуција’ и ‘Пролетта од 1968’. Претставата пулсира со живата еротика, младост и незаситна страст, но меѓу редови се насетува и празнината и суетата на општеството кое трча по уживање“.
Претставата по премиерата на 10 август беше изведена уште трипати на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ и секоја изведба наиде на искрен прием од фестивалската публика, која ја наградуваше екипата со долги аплаузи за енергичната изведба, актерската игра и исклучителната сценска атмосфера.
Авторски тим:
Режија – Иван Пеновиќ
Превод – Соња Должан
Сценографија – Лазе Трипков
Костимографија – Александар Ношпал
Композиција – Владимир Пејковиќ
Сценско движење – Дамир Клемениќ
Актерската екипа од четирите уметнички куќи од регионот ја сочинуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболжиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов, Јована Спасиќ.