Македонија
(Видео) Комитетот за интеграција на тренинг семинар „Следни чекори кон НАТО“

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар „Следни чекори кон НАТО“. Специјален семинар за Република Северна Македонија во Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ во Гармишпартенкирхен.
На семинарот членовите на работниот комитет детално и темелно се запознаа со начинот на кој што функционира НАТО, во однос внатрешните постапки и процедури на земјите членки. Освен тоа, членовите на работниот комитет добија и информации и искуства од неколку од поновите земји членки (Словенија, Словачка и Хрватска), во однос на нивниот процес на интегрирање во Алијансата и нивните искуства во однос на функционирање како полноправна членка на НАТО.
Комитетот за интеграција во НАТО соопшти дека Република Северна Македонија ќе биде 30та земја членка на НАТО и тоа е неповратен процес. Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО веќе е завршен во 22 земји членки на НАТО. Преостанатите 7 земји членки ќе ја завршат ратификацијата согласно нивните домашни политички процеси.
Како што се наведува, прашањето на полноправно членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која била од земјите, единствено е прашање на време кога тоа ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите.
Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе се заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки, и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот Парламент. За споредба претходните процеси на интеграција на последните земји членки траеле 1 до 1,5 година.
Работниот комитет за НАТО интеграција е интер-институционална работна група која е задолжена за изработка и имплементација на Програмата за континуирани реформи за членство во НАТО. Тоа е оперативното работно тело што ги има обврските за подготвува на Република Северна Македонија за членство во НАТО.
Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ е научен институт за безбедносни и одбранбени студии основан од страна на министерствата за одбрана на САД и Германија во 1993 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Очекуваме до милион и пол туристи во Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со забележаниот раст на туризмот во Македонија за 20 проценти, како и за тоа на што се должи растот и кои се очекувањата на Владата, изјави:
„Да, тоа е добар податок во првите четири месеци од оваа година. Добар податок во смисла на тоа дека повеќе од 20% имаме и туристи и ноќевања. Тоа значи повеќе пари, за граѓаните кои што нудат услуга на овие туристи. Тоа значи дека, ако просекот е некаде околу 800 евра, дека секој од нив оставил, надвор од аранжманот. Тоа се навистина стотици милиони евра коишто ќе останат тука, кај нас, во угостителството, во услужната дејност итн., итн.
Очекуваме засилување, уште поголемо. Обидот, да директно преговараме со туроператори е успешен, 40.000 туристи од Западна Европа, веќе престојуваат тука, во вкупен број зборувам. Тоа се некаде околу 160.000 ноќевања, надвор од сезона, кога зборуваме за Охрид, иако и во другиот дел на државата, цела година е сезоната.
За следната година очекуваме, надвор од сезона, половина милион ноќевања. Веќе разговараме со други туроператори и очекуваме повторно двоцифрен раст на туризмот. Влијае на бруто-домашниот производ, влијае на економскиот раст на државата.
Минатата година имавме 1.200.000 туристи. Оваа година очекуваме до милион и пол да дојдеме. Минатата година имавме 3,5 милиони ноќевања, а оваа година очекуваме до 4 милиони ноќевања минимум да дојдеме“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
(Видео) Реализирани 11 проекти во Клиниката за детски болести во делот на инфраструктурата и набавка на модерна медицинска апаратура

Успешно се реализирани 11 значајни инфраструктурни и медицински проекти на Детската клиника, соопштија денес премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство, Азир Алиу, истакнувајќи дека нивната цел е сите клиники да бидат инфраструктурно и технолошки опремени и со добар кадар.
Двајцата ја посетија Клиниката за детски болести, пришто Мицкоски изрази благодарност за оние што се грижат за овој објект, бидејќи тој треба да се грижи за здравјето на нашите најмлади, а тоа се децата.
Директорот на клиниката, Реџеп Мемеди информираше дека веќе се реализираат активности за зајакнување на кадарот, клучен предуслов за функционален и одржлив здравствен систем. Во тек е реализација на нови вработувања за доктори, административен кадар, медицински сестри, лаборанти и биолози. Исто така, е завршена е постапката за вработување четворица специјализанти, а наскоро ќе се објави и нов оглас за тројца лекари, за кои веќе се добиени согласности.
Во претстојниот период ќе бидат воведени три медицински процедури и ќе се отвораат нови кабинети за хемодијализа и ултразвучна цистографија на одделот за нефрологија, обезбеден е и апарат за стрес-тест на одделот за кардиологија.
На новинарско прашање, министерот Алиу информираше дека од денес има нова веб страница на Министерството за здравство, поставена е апликација за отворен кабинет, преку која граѓаните ќе имаат можност од наредната недела секој петок да се пријават од 10 до 15 часот и да закажат за 15-минутна средба со министерот.
Македонија
Институциите до работодавачите: Да се работи од далечина каде што е изводливо, работниците да не бидат надвор од 11 до 17 часот

Министерството за економија соопшти дека во согласност со усвоената Информација за спроведување на мерки од Фаза 3 на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025 – 2030), активно ги координира и имплементира препораките за заштита на работниците и подобрување на работните услови во летниот период.
Во услови на екстремни топлотни бранови, Министерството ги повикува сите работодавачи во јавниот и приватниот сектор да ги применуваат следните мерки:
-Одложување на работните активности во најтоплите часови од денот, од 11 до 17 часот, особено за работници кои се изложени на директна топлина;
-Воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо;
-Обезбедување на соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25°C, освен каде што природата на работниот процес тоа не го дозволува;
-Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа, со исклучок на вработените во критична инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
Министерството за економија и труд ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции.
Овие мерки, како што се додава, имаат за цел да ги намалат ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените, како дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови.
Министерството ја повикува јавноста и бизнис секторот на соработка и одговорност во спроведувањето на препораките за заштита на работниците и обезбедување безбедни и здрави работни услови.