Македонија
(Видео) Заев на средба со Могерини: Северна Македонија во октомври очекува позитивна одлука

Премиерот Зоран Заев во Њујорк присуствуваше на вечерата што за шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан ја приреди високата претставничка за надворешни работи и безбедносни политики и заменик-претседател на Европската комисија, Федерика Могерини.
Заев истакнал дека само неколку недели остануваат до октомврискиот самит на Европскиот совет, кога за Северна Македонија, како што рекол, се очекува позитивна одлука за започнување преговори со ЕУ.
„Во разговорот за време на вечерата премиерот Заев истакна дека ова е клучен период за нашата земја и дека сите напори се фокусирани на тоа да се задржи позитивниот дух кај сите земји членки на ЕУ за поддршката за Северна Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ“, соопштија од Владата.
„По добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ во 2005 година, низата на последователни позитивни препораки од Европската комисија и афирмативните заклучоци на Европскиот совет во 2018 и 2019 година, како и заради остварените и признаени резултати, Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ без натамошно одлагање“, рекол Заев.
Стартот на преговорите, рекол премиерот, ќе биде успех и на Северна Македонија и на ЕУ, како резултат на заедничките остварувања за време на претпристапниот процес.
Премиерот Заев и владина делегација во Њујорк учествуваат на 74. Генерално собрание на ОН, кое официјално почнува денеска со учеството во работата на самитите посветени на климатските промени и на универзална здравствена заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Според очевидците пожарот кај Јасен бил разгорен од удар на гром, Мицкоски вели се прават натчовечки напори

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување беше во ловиштето „Јасен“, каде што веќе неколку дена вработени во ДЗС, припадници на специјалните единици на МВР и Министерството за одбрана се борат со пожарот.
„Пожарот е делумно под контрола, иако во позадина има огромни јазици пламен. Дејствуваат воздухоплови, Ер трактори и хеликоптери, а се надевам дека наскоро ќе биде ставен под целосна контрола“, изјави Мицкоски, додавајќи дека се прават натчовечки напори при неговото гаснење.
Тој посочи дека вчера на територијата на државата имало околу 34 активни пожари, од кои 33 биле изгаснати, а денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, без активни пожари, иако состојбата се менува од минута во минута.
Премиерот упати благодарност до сите кои учествуваат во гаснењето и потсети на тешката состојба со пожари на Балканот, каде што во некои држави има и човечки жртви.
Мицкоски апелираше граѓаните да се придржуваат кон забраната за движење во шуми и наведе дека според сведочењата на терен, пожарот во „Јасен“ е предизвикан од удар на гром.
Македонија
Уште гори кај Јасен – регистрирани седум пожари во државата

До 12 часот денеска во земјата се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден е под контрола, а три се изгаснати.
Активни пожари има во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод, на Октишка Краста во општина Струга и во атарот на селото Могила во истоимената општина, соопшти ЦУК.
Под контрола е пожарот меѓу селата Радуша и Дворце во општина Сарај, а изгаснати се пожарите кај селото Челопеци во општина Кичево, кај селото Крапа во општина Македонски Брод и во атарот на селото Нерав, местото наречено Биљино, во општина Крива Паланка.
Македонија
„ЕВН Македонија“ и СОС „Детско село“ ја прошируваат соработката за поддршка на младите

ЕВН Македонија и СОС Детско село потпишаа меморандум за соработка за поддршка на деца и млади во социјален ризик. ЕВН ќе обезбеди стипендии за овие млади со цел продолжување на средното или високото образование како и финансиска поддршка на програмите на СОС Детско село за зајакнување на капацитетите и одржливоста. Покрај тоа, стипендистите ќе имаат можност да реализираат практикантска работа и менторска програма во просториите на ЕВН, со што ќе им се помогне да ја градат својата професионална иднина.
„Ова партнерство е одраз на нашата посветеност кон општеството. Инвестирањето во образованието и развојот на младите е најдобрата инвестиција за иднината.“ нагласи Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер.
„Партнерството со ЕВН Македонија се совпаѓа со нашата стратегија за воведување национална програма за млади од ранливи категории. Oва е само почеток на една успешна соработка која ќе придонесе кон посигурна иднина за младите поддржани од СОС Детско село.“ кажа директорката на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо.
„Ја искажуваме нашата искрена благодарност кон ЕВН што ја овозможи оваа соработка и се надеваме дека многу други австриски компании во иднина ќе го следат примерот за поддршка на СОС Детско село и неговата мисија во Северна Македонија.“ рече австрискиот заменик амбасадор, г-дин Матијас Хуменбергер.
Преку меморандумот се официјализира поддршката за програмите на СОС Детско село, каде што се опфатени образовните интереси, како и здобивањето на потребни искуства и вештини насочени кон професионален и личен развој на младите.