Култура
„Петрунија” викендов на три фестивали низ светот освои седум награди

Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ овој викенд на три фестивали низ светот освои седум награди, соопштија од продукцијата „Сестри и брат Митевски“.
Започнувајќи со Филмскиот фестивал во Мароко, Salé Women Film Festival, „Петрунија“ освои три награди. Специјалната награда од жирито за режија ја доби Теона Стругар-Митевска, наградата за најдобар актер ја доби Зорица Нушева, а филмот ја доби и главната награда доделена од УНЕСКО. Оваа награда „Петрунија“ ја подели со грчкиот филм „Нејзината работа“ на Никос Лабот.
По Мароко, во соседна Србија, на Интернационалниот фестивал посветен на филмска режија во Лесковац, „Петрунија“ понесе две награди. Главната награда за најдобра режија ја доби Теона Стругар-Митевска, која е и парична награда во висина од 4.000 евра, и наградата за најдобра глумица ја доби нашата Зорица Нушева.
Во Словенија на Филмскиот фестивал во Порторож посветен на словенскиот филм, наградата за најдобар филм за малцински копродукции, во конкуренција од одлични осум филма, ја доби „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. На фестивалот, филмот доби и награда од Здружението на уметнички кина на Словенија.
Од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ наведуваат дека „Петрунија“ досега освои 21 награда, а дистрибуиран е во кината во 35 земји. Оваа есен ќе се најде на редовниот кинорепертоар во Италија, Германија, Шпанија, Полска, како и во соседна Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.