Култура
„Моќта на Заратустра“ ја отвора новата сезона на Филхармонија
Новата концертна сезона на Филхармонија насловена „Моја бесмртна љубов“ се отвора в четврток во 20 часот со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. На концертот насловен „Моќта на Заратустра“ ќе биде изведен и Концертот за пијано и оркестар број 1 од Л.В. Бетовен.
„Сезоната ја отвораме со исклучителен солист, диригент и избор на дела кои претставуваат важен сегмент од историјата на музика. Очекуваме фантастичен концерт кој ќе биде одлично интро во новата сезона во која нè очекуваат возбудливи концерти на кои ќе настапат врвни солисти и диригенти“, вели Виктор Илиески, директор на Филхармонија.
Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба, како што оценуваат критичарите, речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор. Мелников настапува како солист со врвни светски оркестри и диригенти како Михаил Плетнев, Паво Јарви, Валери Гергиев.
Пред македонската публика Мелников ќе се претстави со изведба на Бетовениот Концерт за пијано и оркестар број 1, едно од раните дела на композиторот во кое може да се почувствуваат никулци на музичката револуција која ќе ја иницираат неговите подоцнежни дела. Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти, добитник на наградата „Херберт вон Карајан“ во 1971 година. Вит му бил и асистент на Карајан на Велигденскиот фестивал во Салцбург, а неговата богата интернационална кариера вклучува настапи со најзначајните оркестри во Европа, Америка и Далечниот Исток. Добитник е и на францускиот орден „Легија на честа“ во 2015 година.
Симфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус е инспирирана од истоименото филозофско дело на Фридрих Ниче е напишана во 1896 година. Како и сите големи музички дела и ова било изложено на остра критика – „Ова не е музика, туку одбивно чудовиште кое не заслужува да биде наречено музика“. Само воведот во делото бил оценет како „ветувачки“… Во 1968 година, токму тој вовед целосно се интегрира во колективната меморија, стана препознатлива референца во поп-културата благодарение на генијалниот Стенли Кјубрик и неговиот антологиски филм „Одисеја 2001“.
Саундракот од филмот на Кјубрик, снимен со Берлинската филхармонија во 1969 година, 36 недели беше на прво место на класичните топ-листи. Од тогаш до денес „Така зборуваше Заратустра“ од Штраус речиси секогаш се врзува со Кјубрик, со неговиот филм преку кој оваа симфониска поема доби пошироко културолошко значење, стана поп-феномен.
Во партитурата рачно испишана од Штраус стои и цитат од книгата на Ниче – „Музиката сонуваше предолго, време е да се разбуди. Бевме сонувачи, сега сакаме да се разбудиме и будно да сонуваме“. Ова го кажува Заратустра, главниот протагонист и наратор во книгата на Ниче… Токму такво е и музичкото дело на Штраус, не само воведот, препознатливите три тона со кои почнува и филмското ремек-дело на Кјубрик, туку интегрално, како целина која звучно реферира конзистентност и врвно авторско мајсторство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

