Свет
СЗО: Светот не е подготвен за глобална пандемија, која за 36 часа би усмртила 80 милиони луѓе
Светската здравствена организација предупреди дека светот не е подготвен за глобална пандемија, која, доколку се случи, може да усмрти до 80 милиони луѓе за 36 часа и да го збрише глобалниот домашен бруто-производ.
Брзо ширење на некој респираторен патоген може да биде закана за голем дел од светската популација и потенцијално да убие милиони луѓе и да ја загрози целата планета, се посочува во првиот извештај на Комитетот на СЗО за надзор на глобалната подготвеност.
„Доколку избувне пандемија, како што беше шпанскиот грип во 1918 година, последиците би биле околу 3.000 милијарди американски долари или пет проценти од светскиот БДП“, според процената на Светската банка.
„Во случај на таква зараза, денес, кога светското население е четирипати поголемо и кога на кое било место во светот се стига за 36 часа, ќе умрат меѓу 50 и 80 милиони луѓе. Освен високата смртност, ваквата пандемија ќе предизвика паника, дестабилизација на националната безбедност и тешко ќе ги погоди глобалната економија и трговијата“, се вели во извештајот.
„Глобална пандемија во тој обем би била катастрофална создавајќи широкораспростране опустошување, нестабилност и несигурност. Светот не е подготвен за такво нешто“, оцени СЗО.
Во извештајот се повикува на создавање систем за ефикасно откривање и контрола на појава на болести како дел од поактивното дејствување за воспоставување глобална подготвеност.
„Предолго сме сведоци на циклус на паника и занемарување кога станува збор за пандемии – ги интензивираме напорите кога постои сериозна закана, а потоа бргу забораваме на нив кога ќе исчезне заканата. Времето за конкретни активности одамна мина“, предупредуваат научниците.
Во извештајот се препорачуваат седум превентивни активности, вклучително и: посветеност и инвестиции на шефовите на владите за решавање на проблемот, регионалните организации да предничат како пример, силен систем на подготвеност во секоја земја, зголемување на ресурсите и финансиските стимулации и зајакнување на системот за координација на Обединетите нации во оваа област, пренесува „Танјуг“. Земјите со лоша инфраструктура и здравствен систем се со најголем ризик од големи загуби од пандемијата, но ранливи се и сите други земји, се додава во извештајот.
СЗО посочува дека унапредувањето на науката и технологијата овозможило унапредување на јавното здравство, но во исто време и претставува ризик бидејќи има потенцијал за вештачко создавање микроорганизми во лабораториите, што може да предизвика епидемија ако намерно бидат пуштени во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

