Македонија
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов со нови 350 партиски вработувања
Петре Шилегов за само една недела преку мнозинството во Советот носи одлука за 350 нови вработувања на партиски војници кои ќе бидат дел од Градот Скопје, обвинува Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Оттука велат дека се работи за најголем дел на партиски вработувања и планови кои се пуштени на одобрување и дискусија во Советот на Градот Скопје.
„Овие 350 нови вработувања се распределени во Градската администрација на Градот Скопје и ЈСП. Минатата недела мнозинството на советници на власта одобри план за вработување на 170 партиски војници во ЈСП, а веќе овој четврток Шилегов предлага план за нови 110 вработувања во Градот Скопје на определено време кои треба да се реализираат оваа година и 76 нови вработувања на неопределено време во градската администрација за наредната година. Заедничката бројка покажува дека Шилегов, владејачкото мнозинство на градот Скопје и претседателката на Совет, Јанчева, за една недела носат одлука со која потврдуваат над 350 вработувања“, пишува во дописот што Советничката група го испрати до медиумите.
Тие тврдат дека според нивни неформални сознанија најголемиот дел од вработувањата ќе поминат низ партиската кадровска комисија на СДСМ.
Нема да се вработува по компетентност, велат од опозицијата, туку по партиска припадност.
„Тоа е и причината поради која досегашната пракса на работа на Советот покажува дека се кријат биографиите на предложените членови на надзорни и управни одбори. Шилегов со 350 нови вработувања, Градот Скопје го претвора во своја партиска филијала, наместо да реализира проекти. Обвинувањата на Шилегов пред да дојде на позицијата градоначалник беа дека градот Скопје има гломазна и превработена администрација, а две години потоа Градот го претвора во партиско дувло. Нема пари за капитални проекти, но има пари за нови вработувања“, додаваат од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

