Македонија
Бугарија, Грција, Романија и Хрватска со заедничка порака: Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ

Силна поддршка за членството на Албанија и Северна Македонија во Европската Унија пристигна од министрите за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева, Грција – Никос Дендиас, Романија – Рамона Манеску и Хрватска – Гордан Гурлиќ, за време на сесијата на Генералното собрание на ООН.
Четворицата први дипломати на балканските земји на ЕУ ја разгледаа европската интеграција на нивните шест соседи, кои сè уште се надвор од Унијата и ги идентификуваа прашањата за реформите во секоја од овие земји и како тие би можеле да бидат поддржани, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
„Убедени сме дека ќе бидеме побезбедни, попросперитетни и побогати само доколку сите наши соседи станат членки на Европската Унија“, рече Екатерина Захариева пред своите колеги. Таа им заблагодари на Романија и на Хрватска за продолжување на приоритетите на бугарското претседателство на Советот на ЕУ .
„Бугарија потпиша договор за пријателство со Република Северна Македонија и договореното треба да се спроведе. Албанија треба да го спроведе законодавството што го донесе. Бугарија го поддржува започнувањето на преговорите за членство со двете земји“, рече Захариева.
Првиот човек на грчката дипломатија, Никос Дендиас, подвлече дека ги поддржува Албанија и Република Северна Македонија за членство во ЕУ, а слична порака упати и романскиот министер за надворешни работи, Рамона Манеску. Таа рече дека Бугарија, Грција, Романија и Хрватска треба да продолжат да ги координираат своите активности во политиката на проширување.
„Ние мора да ги поддржиме соседите и да продолжиме со посветеноста со која Бугарија го водеше овој процес за време на нејзиното претседателство. Раздвојувањето на Албанија и Република Северна Македонија ќе биде голема грешка и мислам дека дојде време за позитивен сигнал“, додаде Рамона Манеску.
„Ние ги поддржуваме и Албанија и Република Северна Македонија во нивниот европски пат. Ние сакаме сите земји во регионот да живеат како добри соседи “, рече хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Гурлиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на централната прослава на 2 Август во Крушево

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 2 август, на „Мечкин Камен“ во Крушево ќе се одржи централната прослава на Денот на Републиката.
Чествувањето на Илинден ќе започне со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, потоа на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а ќе продолжи со панихида во храмот „Св. Никола“. Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе има и свое обраќање.
Редослед на настани:
– 09:30 часот – положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, „Македониум“;
– 10:00 часот – положување свежо цвеќе на споменикот на хероите на месноста „Слива“;
– 10:30 часот – панихида во храмот „Св. Никола“;
– 12:00 часот – централна прослава на „Мечкин Камен“.
Македонија
Раководител во општинскиот инспекторат во Битола обвинет за бесправна градба

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Бесправно градење.
„Обвинетиот раководител во општинскиот инспекторат во Битола, во временскиот период од октомври 2013 година до март 2016 година, во атарот на селото Дихово, надвор од градежен реон, односно во местото викано „Трновски ливади“, на земјоделско земјиште во сосопственост на повеќе физички и едно правно лице изведувал градба и изградил помошен објект на три ката со вкупна површина од 193 м2“, соопшти обвинителството.
Објектот го изградил без претходно да обезбеди согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и без одобрение за градење.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Безбедносната состојба е стабилна

Безбедносната состојба во земјата е стабилна и под контрола и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми, соопшти претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, по седница на Советот за безбедност која траеше два и пол часа.
„Главно се говореше за состојбата во регионот, на она што се случува во Босна и Херцеговина каде што честопати слушаме сецесионистичка реторика, понатаму политичката состојба на Косово, како што знаете, една институционална криза заради неможноста да се конституираат органите и се разбира, состојбата во соседна Србија, каде што исто така има низа сериозни проблеми. Меѓутоа, реков од аргументите, од податоците, заклучокот е дека сепак и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба“, рече претседателката.
Таа додаде дека во поглед на она што се случува на Блискиот Исток, неподелени биле ставовите за потребата од мир.
„Јас тука не можам да кажам дека имаме сигурни гаранции за тоа, бидејќи, како што знаете, преговорите се во тек, па се прекинуваат. Честопати јас самата велам дека очекував поангажирана, поактивна организација на Обединетите Нации, која што, за жал, е маргинализирана“, рече Сиљановска – Давкова.
Што се однесува до пожарите рече дека е загрижувачко што поголем не се заради високите температури, туку дека има основано сомнение дека се намерно предизвикани. Меѓутоа, се разбира, додаде таа, се додека се работи за предистражна постапка, тоа се само претпоставки.
Кога е во прашање состојбата со евроинтеграцијата, Сиљановска – Давкова, рече дека основниот заклучок е дека имаме реформска агенда и имаме план за развој.
„Треба да се држиме до она што е најважно, до Копенхагенските критериуми и најпрво она што е основен тест за сите – тоа е владеењето на правото. Се укажа на пакетот закони, изработен од страна на Министерството за правда, што се однесуваат на Јавното обвинителство, на Судскиот совет, на платите на јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и така натаму“, рече таа.
На седницата присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
На покана на претседателката учествуваа и реферираа: директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
На дневен ред на седницата беа следните точки: информирање и размена на мислења за безбедносните дилеми во светот и нивното влијание врз безбедносната состојба во регионот и земјата; климатските промени и пожарите; размена на ставови за македонската евроинтеграција по извештајот на Томас Вајц.