Македонија
(Видео) Пендаровски го посети кочанецот кој донираше црн дроб за да спаси туѓ живот

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“, денеска ја посети општина Кочани. Тој го посети Киро Стојов, кој донираше дел од својот црн дроб на личност со која не е во крвно сродство, што е редок случај не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион.
„Хуманоста не познава граници“, рече кочанчанецот Стојов, кој пред три години донираше дел од својот црн дроб на 39-годишна личност, која не е во крвно сродство со него. Стојов раскажа дека во ниту еден момент не размислувал дали да го стори тоа.
„Ваков човек не се раѓа. Тој го спаси животот на моето чедо“, рече мајката на личноста на која Стојов ѝ го спасил животот. Стојов упати апел сите што се во можност да го следат неговиот пример и да бидат хумани.
Во Кочани претседателот Пендаровски го посети Средното општинско училиште „Ѓошо Викентиев“, каде се сретна со учениците иноватори и нивните ментори, кои како тим „The MAKBot Pioneers“ ја претставија Северна Македонија на Светското првенство во Детроит – САД, организирано од Асоцијацијата за препознавање на наука и технологија и од компанијата ЛЕГО.
Тимот „The MAKBot Pioneers“ е составен од девет ученици од неколку основни и средни училишта од Кочани. Тимот функционира во склоп на СОУ „Ѓошо Викентиев“ и работи како дел на кабинетот по роботика. Нивниот проект е посветен на употреба на неискористениот потенцијал на термичките води, кои кога се враќаат како отпадна вода, ја имаат вистинската температура за одгледување на алгата спирулина.
Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ја посети библиотеката „Искра“, која располага со библиотечен фонд од околу 90.000 книги и каде оствари средба со дел од најактивните читатели. Во градската библиотека претседателот Пендаровски се сретна и со новинари од локалните медиуми во градот, кои му ги пренесоа проблемите со кои се соочуваат во нивното работење.
Претседателот Пендаровски присуствуваше на тренинг на фудбалскиот клуб „Осогово“ еден од најстарите во нашата држава, формиран 1924 година.
150 хектари шума, од кои 30 до 40 години стари борови и многу пчелни семејства беа уништени во трите последователни подметнати пожари во Кочани во август. „Шумите се наше богатство кое мора заеднички да го чуваме“, рече претседателот Пендаровски, кој денеска заедно со градоначалникот Николчо Илијев, со припадници на Армијата, пожарникари и локалната самоуправа симболично засади 30-тина садници на падините на Осоговските Планини.
Во Кочани претседателот Пендаровски го посети Земјоделскиот институт – оддел за ориз. Некогаш водечки институт со 30 вработени, денес има само тројца вработени, кои ја посочија потребата за нормализирање на работата на институтот, преку обезбедување финансиски средства, како и од нови вработувања и инвестирање во млад кадар.
Претседателот Пендаровски беше во компанијата „Екстра-Фунги“, која се занимава со откуп и преработка на печурки. Вработените го запознаа со работата на компанијата, која функционира од 1988 година и постојано бележи раст и успеси. Тоа за помалите градови, според претседателот, е важно бидејќи се создаваат можности за нови вработувања и подобрување на животниот стандард на локалното население. Претставниците на компанијата го потенцираа проблемот со недостиг на сезонска работна сила.
Проектот „Лице в лице со претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места во Северна Македонија, претседателот Пендаровски да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и идеи за нивно надминување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на Состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес во Белфаст

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествува на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, што денес се одржува во Белфаст.
Во фокусот на дискусиите беа регионалната соработка, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и заедничките безбедносни предизвици.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од заеднички одговор на современите безбедносни ризици – хибридни и сајбер закани, дезинформации, миграции, нелегално финансирање и организиран криминал, кои дополнително влијаат на безбедноста и стабилноста, поткопувајќи ги институциите и јавната доверба.
На состанокот беше истакнато дека политиката на проширување на Европската унија претставува витална рамка за трансформација на општествата и унапредување на добрососедските односи, демократските стандарди и владеењето на правото. Зaедничко беше констатирано дека постепената интеграција, Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар значајно го приближуваат Западен Балкан до Европската унија и го прават пристапниот процес поопиплив за граѓаните.
Македонија
(Видео) Шукова: Младински хабови, градски ваучер и нова гимназија Скопје станува град на можности за младите

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за модерен, инклузивен и младински ориентиран главен град кој нуди вистински можности за раст, развој и иднина.
„Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите,“ истакна Шукова. „Како градоначалник, имам јасен план за младински хабови современи урбани простори каде младите добиваат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за нивните идеи.“
Според Шукова, младинските хабови се еден од клучните приоритети во нејзината програма. По примерот на големите европски метрополи, тие ќе бидат места каде младите ќе можат да развиваат свои идеи, да се вмрежуваат со компании и инвеститори и да стекнуваат практични знаења и искуства.
Во рамки на овие центри ќе биде обезбедено:
• поврзување со компании што бараат нов кадар,
• советување за избор на образование и кариера,
• обуки за дигитални вештини, претприемништво и личен развој,
• финансиска и менторска поддршка за млади претприемачи.
„Овие хабови ќе бидат мост меѓу младите и светот на бизнисот. Ќе помогнеме идеите да станат реалност, а талентот успех,“ нагласи Шукова.
За локации на првите младински центри, предвидени се катната гаража „Беко“, како и просториите во Воената кула кај Нова железничка во Аеродром, кои се во сопственост на Град Скопје.
Во делот на социјалните политики, Шукова најави и нова мерка градскиот ваучер „Скопје за сите“, кој ќе овозможи бесплатен јавен превоз, пристап до ЗОО, музеи, библиотеки и културни активности, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот е наменет за младите, семејствата со пониски приходи, пензионерите и лицата со попреченост.
„Со ваучерот ‘Скопје за сите’, ќе создадеме град што се грижи, град што е достапен и топол за сите генерации,“ порача таа.
Во сферата на образованието, нејзината програма предвидува реновирање и современо опремување на училиштата, зголемена поддршка за младински проекти за 300%, како и мрежа на младински центри, нова гимназија во Аеродром, дигитализација на наставата и Фонд за стипендии за спортисти и талентирани ученици.
„Со овие мерки, Скопје создава основа за град што ги задржува младите, отвора квалитетни работни места и вложува во знаење и иднина. Верувам дека кога ќе им дадеме можност на младите да успеат овде сите ќе успееме заедно. Ова е наш град. Овде ни е домот,“ порача Каја Шукова.
Македонија
(Видео) „Филипче трча на избори за да го спроведе планот и шемата на Заев со Бугарија, а не за граѓаните“, вели Петрушевски

„Филипче трча на избори за да го спроведе планот и шемата на Заев со Бугарија, а не за граѓаните. Венко Филипче посвети цел предизборен и изборен период на една единствена работа подметнување на Тројанскиот коњ преку таканаречената заедничка Резолуција за да и даде нов бонбона бизнис на Бугарија, кој Заев го договорил“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„А што договорил Заев, тој првин добил куферче, а дал стик со материјали и ветување и шема за преземање на две големи македонски фирми од фирми блиски до поранешен бугарски премиер.
Се што прави Венко Филипче во оваа кампања е во насока на реализација на планот на Заев, односно создавање на услови за некогаш тоа да се случи.
Планот сепак не им оди од рака, затоа што се разоткриени и затоа што СДС на овие избори ќе доживее уште еден историски дебакл како што доживеа и на претходните избори.
Планот и шемата на Заев по која работи Филипче не успева, народот го прочита СДС. Македонија не е и нема да биде нивна паричка за поткусурување“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.