Македонија
Џафери на средба со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Ламберто Заниер. Претседателот Џафери нагласи дека во Република Северна Македонија високо се ценат константната соработка и ангажманот на високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
Тој оцени дека земјата е на добар пат во целост да ги исполни одредбите на ОБСЕ, иако сè уште постојат одделни негативни перцепции, особено на ниво на локалните самоуправи.
Џафери нагласи дека Собранието од 1993 година активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, а во 2016 година беше домаќин на Петнаесеттата есенска сесија на ова меѓународно собрание.
Високиот комесар Заниер нагласи дека за нив работата со парламентите е од големо значење. Тој истакна дека неговата посета на Северна Македонија е по повод промоцијата на стратегијата „Едно општество за сите и интеркултурализам“ и оцени дека таа преставува позитивен концепт, изграден врз цврстите основи на Охридскиот рамковен договор. Потребни се дополнителни чекори за целосна интеграција во општеството, а високиот комесар ќе ја охрабри Владата да ги вклучи сите заинтересирани страни во спроведувањето на стратегијата. Тој информира за средбите одржани во рамките на посетата, при што како позитивен го оцени новиот начин на интерпретација на политичките процеси во земјата.
Високиот комесар за национални прашања истакна дека ги следи меѓуетничките односи во целиот регион на ОБСЕ и заклучи дека, иако не постои идеален модел, во многу земји постојат добри примери. Тој нагласи дека реформите во образовниот систем во земјата ќе останат во неговиот фокус, со оглед на значењето на инклузивното образование во развојот на идните генерации. Истовремено, Заниер изрази поддршка за активната улога на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ укажувајќи дека ВКНМ тесно соработува со овој меѓупарламетарен форум.
На средбата стана збор и за интеграциските процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО, при што високиот комесар Заниер изрази надеж дека очекуваната одлука од Советот на ЕУ ќе биде во вистинската насока за стабилноста на земјата. Почнувањето на преговорите со ЕУ, според Заниер, ќе претставува можност за адресирање на сите отворени прашања во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
АМСМ: Тековен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, информира АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Дел од корисниците од Гази Баба без струја
Дел од корисниците од Гази Баба денеска ќе останат без струја.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 28.11.2025 година ( Петок ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08:30 до 14:30 часот, корисниците на ул.2 во Раштак ( општина Гази Баба )“, информира РЦУК.

