Македонија
Средба на Заев со високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства
Премиерот Зоран Заев имаше средба со Ламберто Заниер, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ. На средбата се поздравени обединувачките политики на Владата и определбата за изградба едно општество за сите, што се реализира и на дело преку изготвувањето сеопфатна национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, кој е во тек.
„Поздравен е и духот на интеграција што се манифестира низ создавањето еднакви можности за партиципација на сите заедници во општеството, преку еднакви права и должности во државава. Премиерот Заев рече дека е важна поддршката од ОБСЕ, особено бидејќи Владата е определена кон усогласување и почитување на меѓународните обврски и препораки на клучните организации, како што е ОБСЕ, поради што заедно со организацијата се организира и денешната интернационална конференција во Скопје „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“, соопшти Владата.
„Низ политиките на едно општество за сите, почитувањето на правата на различните етнички заедници и групи, определноста за еднакви права за сите граѓани независно од различностите, ние како држава станавме пример на соживот во овој мултиетнички Балкан и ќе продолжиме да вложуваме во политиките што соединуваат и зближуваат, што се и базичните вредности на Европа, кон која се стремиме“, рече премиерот Заев.
Тој нагласи дека Република Северна Македонија воспостави добри односи и со соседните држави, со кои се поврзани некои од заедниците во нашата држава и дека тоа дополнително придонесува за стабилноста во државата. На средбата е заеднички констатирано дека стабилноста и безбедноста во државата се придонес и во подигнувањето на квалитетот на живот за сите граѓани, со оглед дека ваквата клима создава услови за инвестиции, развој на економијата, а со тоа напредок во образованието и во другите области од значење за секојдневниот живот на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

