Македонија
Фетаи: Потребни се поконкретни дејства за екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ

На почетокот од денешното судење за предметот „Монструм“, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека е неприфатливо да се испраќаат и доставуваат исти информации за екстрадицијата на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
„Неприфатливо е за толкав временски период Министерството за правда да пушта барања, а да не се реагира. Во идното писмо да побарате поконкретен одговор за поконкретни дејства. Сите одговори досега беа исти. За некој месец може да имаме и конечна одлука“, рече Фетаи.
Адвокатката на обвинетите, Дафинка Ивановска, побара преку судот средба со министерката и родителите на убиените момчиња.
Фетаи рече дека на крајот на судењето како сведок ќе биде повикан и Звонко Костовски од поранешната УБК да појасни зошто за некои разговори, кои ќе бидат изведени како докази, има само транскрипти, а нема разговори.
На 12 април 2012 година беа застрелани петмина скопјани додека ловеле риба крај Смилковското Езеро.
Убиени беа четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани – Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.
За петкратното убиство кај Смилковското Езеро беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите. Случајот „Монструм“ го презеде СЈО.
За судот сѐ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со сенаторот Петер Велч во Вашингтон

На првиот ден од работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со сенаторот Петер Велч, еден од иницијаторите на новата резолуција во Сенатот на САД со која се одбележуваат 34 години од независноста на Република Северна Македонија и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.
Министерот Муцунски ја нагласи важноста на оваа резолуција како потврда за силното пријателство и доверба што ги обединуваат македонскиот и американскиот народ. Тој подвлече дека Република Северна Македонија останува посветена на заедничките евроатлантски вредности, демократијата, владеењето на правото и стабилноста на Западен Балкан.
На средбата се разговараше и за унапредувањето на билатералните односи, поддршката за европскиот пат на Северна Македонија, како и за заедничкото уверување дека посетата ќе отвори нови можности за уште посилна соработка меѓу двете земји.
Во текот на денот, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби со повеќе претставници на Конгресот на САД, како и да се обрати на свечен настан организиран по повод 8 Септември – Денот на независноста, во присуство на македонската дијаспора.
Македонија
Побаран притвор за четири лица за пожарот на отпадот во Трубарево

Основното јавно обвинителство Скопје, по анализа на сите докази прибрани во предистрагата до овој момент, денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Обвинителството издаде наредби за дејствија и проверки со кои обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање.
Затоа во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третиот осомничен е овластено лице – раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост.
Имајќи ги предвид дејствијата на осомничените и ризиците за постапката, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.
Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.