Македонија
Поставен камен-темелникот на технолошко-индустриската развојна зона Радовиш
Изградба на нова технолошка индустриска развојна зона со површина од 10 хектари започна во петокот во Радовиш со инвестиција на Владата од 11 милиони евра.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, министерот за економија Беким Незири, Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалникот на општина Радовиш, Сашко Николов.
„Технолошко индустриските развојни зони во државата се едни од најголемите дела на нашата генерација, доколку се земат предвид сите досегашни инвестиции и новоотворени работни места низ државата, а тоа е она што ѝ треба на Македонија“, истакна премиерот Груевски.
Тој подвлече дека последните услови кои се нудат за зоните, инфраструктурата, но и нивната локација во близина на големите градови и на главните коридори, железнички пруги и аеродроми претставуваат особено привлечна понуда за странскиот капитал.
„Тоа јасно се докажа во веќе функционалните зони во Скопје и Штип, а такви зони веќе отпочнаа да се градат во Кичево, Гевгелија, Прилеп, Струмица, Тетово и Ранковце. Воедно се подготвуваат документите за отпочнување со градба и на зоните во Струга, Делчево, Виница и Берово“, рече премиерот Груевски.
ТИРЗ Радовиш е лоцирана во близина на двете граници со Бугарија и Грција и е поврзана со регионалниот пат Струмица-Радовиш што нуди можност потенцијалните инвеститори да бидат одлично поврзани и да имаат брз и ефикасен транспорт кон посакуваните дестинации.
Како што посочи премиерот, постојаните активности на Владата за привлекување нови инвеститори и отворање нови работни места веќе даваат резултати со оглед дека поголем број мултинационални компании веќе работат во Македонија, а голем број други се заинтересирани и се во интензивни разговори со владини претставници.
Министерот за економија Беким Незири во своето обраќање истакна: „Уверен сум дека Технолошко-индустриската зона во Радовиш, со поддршка на Владата на Република Македонија и поволностите кои ги нудиме, ќе придонесе за поттикнување на рамномерниот економски развој, за промоција на општината Радовиш, како бизнис-дестинација за етаблирани странски компании, но и за развој на целиот Југоисточен регион. Покрај инвестициите во инфраструктурата во зоната, значително ќе се зголеми вработеноста во регионот и ќе овозможи подобрување на условите за живот на граѓаните во оваа општина. Развојот на оваа зона ќе овозможи соработка со деловните субјекти, посебно оние кои работат во регионот. Да не заборавиме дека приватниот сектор во општината Радовиш опфаќа дури 90 отсто од вкупното стопанство, кое ќе добие шанса дел од своите капацитети да ги стави во функција на поддршка на фирмите во зоната, преку снабдување со суровини, репроматеријали, полупроизводи или готови производи“.
Покрај ова, министерот Незири посочи дека уште еден важен момент поврзан со зоните е извозот. Според последните податоци, извозот од слободните економски зони рапидно расте, па ако минатата година, извозот од слободните економски зони опфаќаше 25 отсто од вкупниот извоз, годинава може да надмине и 30 отсто.
„Но, градбата на овие зони јас ја гледам и како одлична можност за македонските компании, кои имаат намера да учествуваат во градбата, да конкурираат за избор и на тој начин потенцијално да придонесат за својот бизнис“, рече Незири.
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо истакна дека зоната ќе се протега на површина од 9,75 хектари со можност за нејзино идно проширување. Ќе располага со пет парцели од кои четири за производни капацитети и една за изградба на административна зграда. Со планскиот опфат на зоната планираме улична мрежа на водоводна и канализациска инфраструктура, телекомуникациска инфраструктура, како и мрежа за снабдување со електрична енергија и гас за фабриките кои тука ќе се градат.
Во однос на билансот на отворени работни места во зоните Мизо истакна дека во 2012 година во зоните имало 1.270 вработени. Минатата година е завршена со 2.500 вработени, а оваа година само од компаниите позиционирани во зоните ќе има над 3.500 вработувања. Се очекува бројката на вработени идната година да биде драстично зголемена, бидејќи се очекува реализација на инвестициите на компаниите кои ги потврдија своите инвестиции во изминатиот период.
Градоначалникот на општина Радовиш Сашко Николов изрази огромна благодарност до владат аи премиерто Груевски наведувајќи дека со овој проект ќе се врати надежта кај секој граѓанин на Радовиш, за поквалитетен и попросперитетен живот .
“Во предвечерието на најголемиот македонски празник Илинден, на огромно задоволство на сите нас по само една година од добивањето на мандатот, денес отпочнуваме со реализација на најголемиот, најзначајниот и најпотребниот проект за Радовиш – ја отпочнуваме изградба на технолошко-индустриска развојна зона ,каде ќе се сместат нови инвеститори и ќе бидат отворени нови работни места’, истакна Николов. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
До 15-ти јануари регистрација и дерегистрација на ДДВ Обврзници
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.
Вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет.
На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци= 200.000 денари Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци= 2.400.000 денари Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ. Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ. Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на USB токен. Во однос на оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност. Исто така, и ДДВ обврзниците кои во секоја од двете претходни календарски години поднесувале даночни пријави со вкупен промет помал од 2.000.000 денари и кои во секоја од двете претходни календарски години не искажувале претходен данок за одбивање, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01Б).
Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15-ти јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта. Воедно, потсетуваме и дека Управата за јавни приходи може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека: •во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање; •во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него; •даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности; •даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници; •кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување. За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во Контакт Центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви: •Од фиксна линија: 0800 33 000 •Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos

