Македонија
(Видео) Мицкоски: Имаме јасно дефинирани проекти за решавање на проблемите на граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се обрати на настанот за кампањата „Разговори за Обнова на Македонија – Проблеми, решенија и програма“ во Ресен.
„Знам и свесен сум дека ми престои тешка и пеколна битка за да го убедиме секој еден човек дека тоа што го зборува СДСМ, Зоран Заев, дека сите биле исти, не е точно. Оние тоа го зборуваат затоа што сакаат сопствената немоќ, сопствените лаги, сопствениот арамилук да го покријат со тоа што ќе предизвикаат еден вид апатија, разочарување, немоќ кај граѓаните да речат, па види еве и овие другите и овие од опозицијата се исти како овие од власта. Не се сите исти.
Не се сите исти затоа што организатор и реализатор на сите лаги, на сите кренати очекувања и уште поголеми разочарувања има име и презиме и политичка припадност а се вика Зоран Заев и СДСМ.
Власт во оваа држава, веќе трета година по ред е СДСМ и Зоран Заев. Ние како ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој што следи ќе понудиме комплетно нови политики кои што ќе значат решение за сите проблеми. Оние кои што ќе можеме со тие политики да ги решиме. А оние кои ќе не можеме ќе кажеме чесно, честито и отворено, луѓе ние ова не можеме да го решиме поради тие и тие причини.
Ќе понудиме и кадровско освежување кое што започна со вчерашниот ден, дел од 16темина стратешки соработници мои, ваши, на Македонија, беа презентирани на македонската јавност. тоа ќе продолжи и понатаму во периодот кој што следи. Веднаш со крајот на оваа акција за Обнова на Македонија, откако ќе добиеме од вас насока кои се вистинските проблеми иако да бидам искрен ги знаеме сите, можеби не сите, но повеќето од нив. Врз основа на тие проблеми да понудиме решенија а потоа доаѓа оној стратешкиот дел каде што како партија, како ВМРО-ДПМНЕ, ќе зборуваме малку и за стратегијата, ќе зборуваме и за концептот како Македонија во иднина да биде тигар на Балканот.
Прашањето е што ќе остават после нив, прашањето е дали Македонија и граѓаните на Македонија, дали македонскиот народ може да си дозволи уште еден Зоран Заев? Одговорот што секаде го слушам, каде што разговарам со нашите сограѓани е еден и единствен, а тоа е дека не може да си дозволи.
Затоа ние излеговме помеѓу вас, за да ја напишеме нашата програма која што заедно со вас ќе ја реализираме и таа ќе биде поделена во три дела, првиот дел е тоа што го говориме, а тоа е Македонија економски тигар на Балканот, за тоа имаме план имаме стратегија, имаме јасно дефинирани проекти и знаеме тоа како да го направиме, тоа сме го докажале во минатото, тоа и ќе го докажеме и во иднината.
Нас ни се потребни брзи, храбри и одлучни економски политики, за да може Македонија да прескокне дваесет или можеби триесет години во еден мандат од 4 години, знаеме точно како тоа да го направиме и верувајте дека кога ќе ја добиеме довербата од граѓаните, владата на ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го спроведе.
Она што е за мене најважно, а претспоставувам за секој Македонец, но и граѓанин на Македонија, е враќање на македонизмот во Макеоднија, тоа ќе го зборуваме и во иднина.
Немојте тоа да го заборавите ние сме различни. ВМРО ДПМНЕ е различно, нашиот збор планини тежи тоа што ќе го кажеме тоа и ќе го испорачаме. Она кое што сакам да ве замолам, сослушајте ги, сослушајте ги што имаат да ви кажат но немојте попусто да верувате. Македонија не може да си дозволи уште некој месец под владеење на Зоран Заев. Јас сум убеден дека на следните предвремени парламентарни избори победата на ВМРО ДПМНЕ ќе биде голема, ќе биде толку голема што ќе нема можности за било каков пост изборен инжинеринг. А со таа победа ќе дојде и голема обврска за ВМРО ДПМНЕ, со обврската ќе дојдат и резултатите и тогаш ќе докажеме дека можело поинаку и дека Македонија и македонскиот народ и граѓаните на Македонија заслужувале поинаку различно од тоа што се случува еве веќе трета година по ред“ порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.

