Македонија
Ѓорчев во Обединатото Кралство: Членството во НАТО и ЕУ се меѓу клучните приоритети на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев е во неколкудневна посета на Обединетото Кралство. Во Форин офисот во Лондон, се сретна со Ленс Дом, заменик шеф на одделот за Западниот Балкан во директоратот за Европа и Кетрин Барнс, тим лидер за Македонија и регионот во Форин офисот.
Ѓорчев посочи дека Македонија и Велика Британија се пријателски земји, со силно партнерство. Тој истакна дека имаме одлични билатерални односи во делот на политиката, економијата, одбраната и културата.
Ѓорчев ги информираше соговорниците за актуелните состојби во Македонија, како и за зголемената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ во анкетите во пресрет на претстојните парламентарни избори следната година. Членството во НАТО и ЕУ се меѓу клучните приоритети на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, кажал Ѓорчев.
На средбите било истакнато и дека ВМРО-ДПМНЕ е првата политичка партија во Македонија која јасно порачала дека државата припаѓа во евро-атлантските структури и интеграции.
На средбата беше констатирано дека компаниите од Велика Британија, САД, Германија, Италија, Франција, Австрија и другите НАТО и ЕУ земји се најголемите инвеститори во Македонија, кои вработуваат десетици илјади луѓе во нашата држава.
Британската компанија Џонсон Мети е најголемиот извозник од Македонија, со 900 вработени и годишен извоз од околу 1,5 милијарди евра. Затоа, ќе продолжиме да ги развиваме нашите политички и економски односи со Велика Британија, како и нашите сојузници од ЕУ и НАТО земјите, истакнал Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.