Македонија
Заживува филигранството во Охрид

Заживува филигранството во Охрид. Стариот добар занает по кој надалеку бил познат овој крај, конечно се враќа.Приказната за прекрасниот накит од сребро денес ја раскажуваат двајца млади луѓе, кои со голема љубов го научија занаетот. Со вештите раце изработуваат уникатен накит.
Во најразлични форми,сите ситни, минијатурни, кои потоа се спојуваат излегува прстен, брош, манжетна за кошула, белезица, обетки или синџирче со стотици ситни делчиња.
Најважно во филигранството, покрај умешноста и фантазијата на мајсторотот, е неговата трпеливост. За да се состават сите делчиња, требаат денови.
,,Нема лесен занает но кога се работи со љубов значи кога ќе седнеме седум осум саати поминува времето многу брзо. Ни сами не сме свесни кога поминало времето бидејки работиме интензивно и со љубов”, вели Митко Укоески, кујунџија.
Немаат семејна кујунџиска традиција, но имаат чувство за префинетост и љубов кон занаетот кој воедно е врвна уметност.Младите филигранисти се единствени, кои накитот го комбинираат со македонски рубини.
,,Имаме сто отсто македонски производ, рачно изработен од кој голем дел го изработуваме со македонски рубин. Имаме соработка со сертифициран производител за брусење на македонски рубин во нашата земја”, додава Укоески.
Со охридски филигран се китат бројни светски личности, актери, пејачи меѓу нив е и поранешната прва дама на американската дипломатија Медлин Олбрајт. Денес на уникатните творби работени по теркот на традиционално изворно филигранство се воодушевуваат туристите.
,,Ова е сепак нешто што е рачна изработка нешто што може да дојдат и да го видат како тоа токму на лице место се прави и има интерес, дури и млади кои сакаат да дојдат да видат како се прави филигран”, вели Маријана Пипилева, изработувач на филигран.
Последниот врвен кујунџија во Охрид беше Вангел Деребан, легендата на македонското кујунџиство или човекот со „златни раце“, кој почина пред пет години. Тогаш замре овој занает но овие млади вредни луѓе, надежни мајстори од пред две години станаа продолжувачи и чувари на древната традиција.
Текстот „Заживува филигранството во Охрид“ е дел од проектот ,, Охрид во духот на етно- традицијата“ поддржан од Општина Охрид преку Секторот за туризам и локален економски развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство се обиде да ја релативизира одговорноста на актуелните функционери

Според СДСМ, со денешната прес-конференција, Јавното обвинителство уште еднаш потврдило дека постои сериозен обид да се минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани.
Од опозициската партија велат дека наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност директорите на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил.
Дополнително, како што се додава, наместо да се отворат посебни истраги за секој аспект од случајот – за незаконскиот увоз, за институционалниот надзор, за реакцијата на полицијата и за конкретните пропусти на диското, Обвинителството сѐ спакува во еден предмет, со што ризикува да се развлекува постапката со години, па дури и децении. Со ваков пристап, правдата станува недостижна – а тоа е неприфатливо.
„Сериозно прашање е и одлуката приведените полицајци и полициски функционери, кои биле одговорни кобната вечер, да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост. Особено загрижува фактот дека двајца од нив биле пресретнати на пат кон граница со Бугарија, што отвора сомнеж за можно бегство и криење на вината.
СДСМ уште еднаш потенцира – без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за институциите и носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства.
Граѓаните гледаат. И со право очекуваат правда“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
(Видео) Во Гази Баба се гради огромна дива депонија без никакви дозволи, објави Арсовска

Во општина Гази Баба, фирма затекната од инспекторат на град Скопје при вршење нелегални активности, правење огромна дива депонија со градежен и опасен отпад и бесправна експлоатација на земјиште, без лиценци, елаборати, дозволи и одобренија, што претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и животната средина, објави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да постапи, бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува сторителите на вакви дела да мислат дека се недопирливи пред законот. Фирмата која прави дива депонија и каде се експлоатира, го има поткопано 110kV кабловски и воздушен далновод кој го напојува со електрична енергија градот Скопје. На ова земјиште сопственост на Република Македонија се прави сериозна штета на главниот далновод, известени се сите надлежни институции за кои очекуваме да не се кријат и да постапуваат“, вели Арсовска.
Македонија
Кривични пријави против двајца угостители од Берово и од Пехчево за бесправно градење

Полицијата поднесе кривични пријави против правно лице – угостителски објект од Пехчево и против С. П. (43) од Пехчево и против правно лице – угостителски објект од Берово и В. К. (32) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела бесправно градење.
Пријавениот С.П., сопственик и управител на правното лице од Пехчево, на катастарска парцела во Пехчево во државна соспственост, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект и вршел угостителска дејност.
Пријавениот В.К., сопственик и управител на правното лице од Берово, на катастарска парцела, сопственост на Т.К. и М.К., на земјоделско земјиште, надвор од урбанистички план за град Берово, бесправно изградил тврд објект во кој што е сместен угостителскиот објект во кој вршел угостителска дејност.