Македонија
Премиерот најави зголемување на минималната плата
Во своето обраќање на граѓанската трибина ,,На прав пат” во Штип претседателот Зоран Заев порача дека концептот на враќање пари кај граѓаните е правиот пат за развој на државата.
,,Ја покачивме минималната плата, но сега отворен е процес за ново сериозно зголемување на минималната плата за сите работници. Преку реални економски политики успеавме просечната плата да ја зголемиме, за две години околу 2.000 денари. И не застануваме тука, имаме нови мерки за субвенционирање на придонесите од задолжителното осигурување за компаниите кои ќе ги покачат платите на работниците до 100 евра.Да, концептот за зголемување на платите е прав пат!”, порача Заев.
Тој се осврна и на мерките што ги намалуваат трошоците за живот и обезбедуваат повеќе пари за граѓаните. ,,Укината е радиодифузна такса за сите, воведена е евтината дневна тарифа на струјата. Но овде во Штип дополнително е и намалувањето на цената на водата што севкупно ги намалува трошоците на домаќинствата. Со повратот на 15 отсто од ДДВ само во првите три месеци враќаме над 3 милиони евра кај граѓаните, а првото враќање ќе биде на почетокот на декември.Концептот за повеќе пари кај граѓаните е прав пат!”, истакна Заев.
Toj на граѓанската трибина во Штип истакана дека граѓаните од овој град имаат на што да бидат горди бидејќи Штип се гради и развива на вистинскиот, на прав пат.
,,Штип е на прав, на вистински пат затоа што за помалку од две години, се изградени 10 километри водоводи и канализации, 16 километри улици и подготвен е проект за гасификација во должина од 20 километри.
Еден милион евра се одвоени за нов мост на Брегалница и доградба на градската обиколница кој ќе овозможи растоварување на централното градско подрачје од сообраќај. Се гради нова модерна градинка која ќе го реши проблемот со сместувачкиот капацитет на децата, проект вреден 1.000.000 евра”, посочи Заев.
Тој потенцираше дека со реализација на предвидените проекти дополнително ќе се унапреди квалитетот на живот на граѓаните на Штип.
,,Животот на граѓаните овде во Штип дополнително ќе се олесни преку проектите кои се во реализација. Преку изградбата на браната Отињеа која ќе го реши проблемот со водоснабдувањето. Особено е значајно што се интензивира изградбата на Клиничкиот центар кој ќе биде важен не само за Штип, туку и за граѓаните на Кочани, Струмица и целиот источен регион”, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По пад од балкон загина 10-годишно момче во Тетово: родителите дознале од соседите
Денеска (03.03.2026) во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово, информираат за „Макфакс“ од МВР.
Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница.
Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
Македонија
Тошковски објави нови детали за трагедијата во Карпош: Жртвата негирала насилство пред полицијата, сопругот имал криминално досие и со дрога и имотни деликти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти нови детали за вчерашната трагедија во Карпош, во која загинаа мајка и дете.
Како што рече, вчера, на 2 март 2026 година околу 14 часот, случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од зграда, по што полицијата веднаш излегла на терен. Министерот посочи дека на настанот претходела пријава. Во 12:05 часот имало пријава и бил извршен разговор со Ивана. Таа, според министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која, како што рече Тошковски, починатата ја потпишала.
„Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа“, изјави министерот, додавајќи дека МВР ќе ги утврди фактите, вклучително и дали изјавата дадена тој ден била под присила.
Тошковски соопшти дека лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и дека ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Во однос на неговото минато, министерот изнесе детали дека во изминатите години СВР Скопје поднело 10 кривични пријави за дела поврзани со насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. Според податоците што ги соопшти, кај него во еден од случаите биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава, а по барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост.
Тошковски рече дека најголем број од предметите поврзани со семејно насилство се затвораат затоа што жртвата се повлекува.
„Треба максимум да сториме да ги охрабриме жртвите да пријават и случаите да бидат процесуирани до крај“, рече Тошковски.
Тој најави дека Министерството ќе се фокусира максимално на секој ваков кривично-правен настан, особено кога се констатираат видливи физички повреди, при што, како што посочи, треба да се разгледа можноста жртвата да не може да се повлече од пријавата доколку се утврдат такви повреди.
„Ако жртвата повторно се повлече, полицијата ќе има проблем за докажување. Но ако се ангажираат центрите и се охрабрат граѓаните да зборуваат гласно и јавно, нема да има вакви ситуации“, изјави Тошковски, додавајќи дека не тврди оти полицијата постапила совршено, и дека истрагата ќе се спроведе максимално во детали за да се утврди што точно се случило.
Додаде и дека отсега секој што ќе биде посочен дека е сторирел на семејно насилство, ќе биде повикан на информативен разговор во полициска станица.
Македонија
(Видео) Зајкова: Уште колку жени ќе убие молкот?
„Росица, Кате, Марија. Жени кои претходно барале помош. Жени чии пријави останале без соодветна реакција. Жени кои денес ги нема. Прашањето е едноставно и болно: Колку жени уби молкот?“, прашува претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова.
Ова не се изолирани случаи, вели Зајкова и дополнува дека ова е образец на институционално непостапување и систем што реагира по трагедија, наместо по пријава.
„Кога постојат пријави за насилство, а нема навремена и ефикасна реакција, одговорноста не може да биде апстрактна. Затоа официјално ќе поднесам барање за отворање надзорна расправа во Собранието за институционалното непостапување во случаи на пријавено семејно насилство. Јавноста има право да знае зошто институциите молчеле, кој не постапил и дали биле преземени сите законски мерки за заштита“, вели во својата изјава Зајкова.
Претседателката на ЛДП потенцира дека дополнително, повторно ќе го достави Законот за воведување електронска нараквица за следење на сторителите на семејно и родово базирано насилство.
„Овој механизам не е политичко прашање, туку прашање на безбедност и превенција. Одбивањето без аргументи значи преземање ризик за нови трагедии. Ќе побарам и: воведување задолжителна процена на ризик во сите пријавени случаи, итни и привремени заштитни мерки без бирократски одлагања и утврдување лична одговорност таму каде што имало институционален пропуст“, вели Зајкова.
Животот на жените не смее да зависи од административна проценка или одложена постапка. Институциите постојат за да штитат, не за да молчат.
„Ова прашање нема да остане на едно обраќање. Ќе следуваат конкретни иницијативи, законски предлози и парламентарен притисок сè додека системот не почне да функционира како што му налага законот – навремено, одговорно и во интерес на заштитата на жртвите“, заклучува претседателката Зајкова во својата изјава.

