Европа
Зехофер: Ни се заканува бегалски бран поголем од оној во 2015 година

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, предупреди за опасноста од нов бегалски бран што би можел да го надмине оној од 2015 година, укажувајќи на потребата да им се помогне на државите кои ги чуваат надворешните граници на ЕУ.
„Ние треба да им помогнеме на нашите европски партнери при контролирање на надворешните граници. Премногу долго ги оставивме на цедило. Ако не го сториме тоа, ќе доживееме бегалски бран како оној во 2015 година. Можеби дури и поголем од тогаш“, рече тој во интервју за „Билд ам зонтаг“.
Тој најави дека ќе разговара со новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за мерките што треба да помогнат да се спречи повторно да се случи ситуацијата од 2015 година.
Зехофер, кој беше во Турција минатата недела, ги повика членките на ЕУ да направат повеќе за оваа земја.
„Турција прави многу кога станува збор за приемот на бегалци. Тоа е во заеднички интерес. Затоа мора да заборавиме на проблемите од минатото и да направиме повеќе за Турција“, рече германскиот министер за внатрешни работи.
Зехофер ја посети и Грција, која бележи пораст на бројот на мигранти кои доаѓаат на егејските острови од Турција во последните неколку недели. Тој вети германска помош за приемот на бегалци и подобра заштита на надворешните граници.
Зехофер, кој беше еден од најжестоките критичари на отворената мигрантска политика на германската канцеларка, Ангела Меркел, за време на бегалската криза, во последните неколку недели се залагаше Германија да прими повеќе бегалци од Медитеранот, што беше цел на критика внатре во демохристијанската Унија ЦДУ / ЦСУ.
Партијата особено го критикуваше ветувањето на Зехофер дека Германија ќе го прими секој четврти бегалец кој ќе биде спасен од Средоземното Море.
„Ова е иницијатива на секретарот за внатрешни работи, но не и на ЦДУ / ЦСУ“, рече Ралф Бринхаус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Вознемирувачко видео) Снимка од дрон покажува како руски војници егзекутираат четворица украински заробеници, објави АП

Снимките од воздух покажуваат како четворица украински војници излегуваат од уништена куќа, едниот со кренати раце во знак на предавање, а потоа легнат со лицето надолу во тревата во селото Пјатихатки во јужна Украина. Над нив стојат вооружени руски војници.
Два дрона, едниот украински, а другиот руски, ја снимиле целата ситуација од воздух. Компаративната анализа на двете видеа, до која дојде „Асошиетед прес“, открива шокантна разлика во содржината: во руското видео затворениците се живи, а потоа нагло престанува. Снимката од украинскиот дрон ја покажува нивната егзекуција од непосредна близина.
-4 servicemen of the 🇺🇦 128th Mountain Brigade. TWK. Piatykhatky, March 13. pic.twitter.com/hF4ghOO8f2
— Niebla de Guerra (@NieblaGuerra) April 10, 2025
Според видеото добиено од европските воени претставници и анализирано од Британскиот центар за информативни истраги (ЦИР), војниците што носат руски воени ознаки го креваат оружјето и им пукаат во секого од четворицата Украинци во грбот.
„Од сите егзекуции што ги анализиравме од крајот на 2023 година, ова е едно од најјасните“, рече Роло Колинс од ЦИР. „Ова не е убиство во борба. Ова е незаконска егзекуција“.
Според информациите што ги добил АП од европски претставници, инцидентот се случил на 13 март. Два дена претходно, руските војници објавија видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како поставуваат знаме среде урнатините на Пјатихатки, во регионот Запорожје.
На руската снимка се гледа моментот кога експлозивниот дрон влегува во куќата во која се криеле Украинците, а потоа еден од затворениците излегува со кренати раце и лежи на земјата со другите.
Украинските снимки покажуваат како руски војници накратко ги прегледуваат затворениците, потоа пристигнуваат уште двајца, комуницираат преку радио и почнува егзекуцијата. Руски војник се приближил со оружје во раката и почнал да пука, а му се придружиле и уште двајца. Додека едниот го полни оружјето, вториот пука во главата и во шлемот на еден војник, а третиот потоа ги завршува сите други. Ги убиваа еден по еден, методично.
Украинската 128. бригада на планинските сили, која го сними инцидентот, одби да коментира бидејќи е почната истрага. Украинската служба за безбедност потврди за АП дека случајот се истражува како можно воено злосторство.
Според украинските податоци, руските сили егзекутирале најмалку 245 украински воени заробеници од почетокот на инвазијата. Обвинителите тврдат дека не станува збор за изолирани случаи, туку за систематска практика поддржана од највисокото раководство на руската влада.
Европа
(Видео) Обилен снег паѓа во Анкара

И покрај тоа што е речиси половина од април, месецот кој повеќето го поврзуваат со пролетта, утрово во турската престолнина паѓа обилен снег.
It snows in Ankara in mid-April pic.twitter.com/W25pICcR5r
— Ragıp Soylu (@ragipsoylu) April 11, 2025
Турскиот новинар Рагип Сојлу објави видео од Анкара со натпис: „Во Анкара врне снег во средината на април“.
Метеоролозите вчера предупредија на обилни врнежи и бурни ветрови.
Гувернерот на Анкара, Васип Шахин, вчера најави дека сите образовни институции во турската престолнина денеска ќе бидат затворени поради неочекуваните временски услови.
Yapılan son meteorolojik değerlendirmelere göre; İlimizde yarın (Cuma) ilk saatlerden itibaren başlayacak kar yağışının öğle saatlerine kadar etkili olması, yer yer 15 cm’ye kadar kar örtüsü bırakması ve ayrıca kuvvetli rüzgar ve fırtına (40 ilâ 60 km/h ) beklendiğinden,…
— Vasip Şahin (@vasipsahin) April 10, 2025
Според неговата објава на социјалните мрежи, прогнозите покажуваат дека снегот ќе почне да паѓа во раните утрински часови и ќе продолжи до пладне, со можни акумулации и до 15 сантиметри во некои делови од градот. Најавени се и удари на ветер од 40 до 60 километри на час.
Европа
Русија го нападна Киев, Украинците јавуваат за 12 повредени

Русија изврши напади со беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев и Миколаев на југот на земјата во текот на ноќта, при што беа повредени најмалку 12 лица, соопштија властите.
Две жени се повредени во главниот град, каде што дроновите предизвикаа пожар во магацин и оштетија станбени згради, соопшти градската воена управа на Киев.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 85 од 145 беспилотни летала лансирани од Русија во нејзиниот напад во текот на ноќта. Се додава дека 49 други не успеале да ги постигнат своите цели, најверојатно, поради контрамерки од електронско војување.
Воздухопловните сили не разјаснија што се случило со преостанатите 11 беспилотни летала.
Во нападот во текот на ноќта беа повредени и 10 лица во јужниот град Миколаев, изјави регионалниот гувернер Виталиј Ким.
Во рускиот напад оштетени се и девет станбени згради, 30 гаражи и една административна зграда, додаде тој.
Русија негира дека намерно гаѓа цивили, но илјадници се убиени и повредени во нејзината инвазија на Украина.