Македонија
Патот кон Теферич ќе биде затворен за сообраќај

Денеска од 9 часот поради градежни активности патот што води кон населеното место Теферич ќе биде целосно затворен за сообраќај, информира Општина Кисела Вода.
На улицата во должина од 200 метри ќе се санираат оштетените делови. Поради ова, во период од еден месец сообраќајот ќе се одвива по ул. Христо Татарчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска: Сопственикот на небезбедната зграда во Чаир упати сериозни закани што се пријавени во МВР

Бујар Аземи – сопственикот на 12-катницата во Чаир за која градоначалничката Данела Арсовска, тврди дека е небезбедна и изградена без документација, одобрение, проект и платени комуналии упатил бројни закани за што е поднесена пријава до МВР, информира Арсовска преку допис до медиумите.
Градоначалничката тврди дека досега се пребројани 61 стан во зградата, сите биле незаконски градени, а постои обид да се легализираат прикажани лажно дека се градени во 2011 со документација фалсификувана од Висар Ганиу и Ејуп Адеми.
„Вчера Бујар Аземи фатен како дивоградбата се обидува нелегално да ја приклучи на водоводна мрежа, а која веќе нелегално ја приклучил на струја, упати бројни сериозни закани за што е поднесена пријава до МВР! Денес до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставуваме уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир, каде се инволвирани повеќе функционери и вработени во општина Чаир.“, вели градоначалничката.
Арсовска додава дека во нормални услови и нормална држава би ги повикала институциите да реагираат веднаш за заканите и насилието од криминалците, ама живееме во Македонија, каде ако не си со тие на власт, ќе си чекаш некој да те убие зашто очигледно знаат дека нема никој да ги спречи.
Арсовска во текот на вчерашниот ден се вклучи на социјалните мрежи од пред зградата. Соопшти дека затекнале луѓе кои веќе живеат таму, а тие на лице место се заканувале на инспекторите од Град Скопје и им ги исекле гумите со нож. Арсовска во преносот вчера рече дека објектот поседува нелегален приклучок на струја и нелегален приклучок на вода.
Македонија
Беџети најави проширување на Европскиот фронт и ги повика Влен и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети најави проширување на коалицијата не само со политички партии туку и со поединци и невладиниот сектор.
Тој уште еднаш ги повика Влен и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори. Обвини дека албанската дијаспора е исклучена од политичкиот живот, албанскиот јазик брутално се деградира, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за користење албански јазик.
Прашан за приклучување на Арбен Таравари кон коалицијата и проширување на Европскиот фронт, Беџети рече дека во моментов се прават анализи, а Европскиот фронт ќе се проширува не само со политички партии, туку и со поединци, со невладиниот сектор и со сите оние кои мислат дека Владата носи антиалбански одлуки и која, како што рече, во контуинитет ги деградира правата на Албанците.
Македонија
Мајка и нејзините три деца ќе бидат евакуирани од Тел Авив со лет до Грција, МНР апелира да не се патува на Блискиот Исток

Мајка и нејзините три деца утре ќе бидат евакуирани од Тел Авив и со авион пренесени до Атина, во рамки на организираните летови кои се користат за евакуација на странски државјани од Израел, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.
Од Министерството информираат дека со тоа, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 25, меѓутоа, не сите изразиле подготвеност тоа да го направат веднаш.
„Се очекува следните денови дополнителен број на наши државјани да добијат можност за евакуација од Израел“, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во постојана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани сè до нивната безбедна евакуација.
Граѓаните можат да се обратат на следните СОС броеви:
📞 +389 75 273 732 / +389 75 268 736
или на дежурните телефони на Амбасадата во Тел Авив:
📞 +972 54 500 8566 / +972 54 967 054
Воедно, се апелира до сите граѓани да се воздржат од патувања во земјите од Блискиот Исток каде што безбедносната состојба е сериозно влошена.