Регион
Каква ќе биде политиката на Албин Курти кон Србија?

Лидерот на косовското движење Самоопределување, Албин Курти, во интервју за виенскиот весник „Стандард“, дадено непосредно пред вчерашните избори, најави дека ќе ги укине таксите за српски производи, но ќе бара и реципрочни потези од страна на Белград, вклучително и воена отштета.
Курти исто така истакна дека ако стане премиер, ќе почне дијалог со Србите на Косово уште во првата недела од мандатот.
„Ниту еден премиер досега не го сторил тоа, но е многу важно. Во првиот месецмора да видиме каде се наоѓаме по 33 договори што досега ги имаме склучено со Белград. Исто така, со нетрпение очекувам да се сретнам со новиот висок претставник на ЕУ, Жозеф Борел. Сеедно ми е што е од Шпанија, земја што не го призна Косово“, изјави Курти.
Тој посочи дека не е задоволен од претходната шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини, иако таа е од земја што го признава Косово.
Според него, важно е дијалогот да биде добро подготвен, бидејќи не може да се дозволи понатамошен неуспех.
На прашањето дали доколку стане премиер, тој ќе ги претставува и Србите на Косово, Курти одговори: „Секако. Јас верувам дека ќе има Срби кои ќе размислат дали тоа го правам подобро од Вучиќ“.
Кога станува збор за таксите кои во моментов се на сила, Курти истакнува дека тие не се во склоп со негова политика.
„Таксите ќе ги замениме по принцип на реципроцитет. На пример, Белград мора да ги прифати нашите таблички и документи на кои стои Република Косово. Сакаме да ја разјасниме и судбината на исчезнатите лица за време на конфликтот, без оглед на нивната националност, за да ги пронајдеме и исчезнатите Срби и Роми. Треба да се формираат здружени тимови на косовски, српски и меѓународни истражувачи за да се анализираат масовните гробници“, смета Курти.
Сепак, тој верува дека Србија му должи на Косово воена компензација, пензиски фонд и 1.200 артефакти.
На прашањето зошто Приштина треба да постигне договор со Белград, Курти одговора дека добрососедските односи се важни и дека без заемно признавање нема членство во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.
Регион
Шестмина припадници на полицијата се повредени за време на синоќешните протести во Србија

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека за време на синоќешните протести имало драстично нарушување на јавниот ред и мир и брутален напад врз полицијата, и дека, според досегашните податоци, повредени се шестмина припадници на полицијата.
„Шест полицајци се повредени, според информациите што ги имаме во моментов, а 38 лица се приведени. Секој можеше да види во преносот во живо дека имало брутален напад врз полицијата, дека демонстрантите дошле со намера да ги нападнат полицајците, да ги повредат“, рече Дачиќ.
Тој изјави дека вечерта немало поддржувачи на Српската напредна партија, што, како што рече, не ги спречило демонстрантите да ги нападнат просториите на таа партија низ цела Србија, и додаде дека на некои места биле нападнати и просториите на Социјалистичката партија на Србија.