Свет
Не е Холандија, туку Нидерланд

Холандската влада одлучи да го отфрли од употреба името на земјата „Холандија“. Официјалното име на земјата, Нидерланд, отсега ќе се користи за сите промотивни материјали. Одлуката за ребрендирање става крај на повеќедецениската конфузија и е договорена од страна на сите засегнати страни, вклучително и централната власт, одборот за туризам и бизнисмените.
Оние што стојат зад промената сакаат суштински да ја ребрендираат земјата на меѓународната сцена, каде веројатно почесто се користи Холандија. Ова особено се однесува на владините министри кои сакаат да ја обноват сликата за државата, бидејќи туристите Холандија ги асоцира на наркотици и на квартот на црвените фенери во Амстердам.
Исто така, иако знамето на Холандија е црвено, бело, сино, сега портокаловата боја е видливо користена во брендирањето на земјата како Нидерланд. Холандските власти објавија дека портокаловата ќе стане официјална боја на земјата, но не се знае дали ќе биде задржана иконата на лалето, кое е заштитен знак за земјата.
Меѓу првите употреби на Нидерланд во поголема промотивна кампања ќе биде на натпреварот за песна на Евровизија во 2020 година, чиј домаќин ќе биде Ротердам. Нидерланд, исто така, ќе се користи на сите материјали поврзани со Олимписките игри во 2020 година во Токио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ги укина царините за мобилните телефони и компјутерите од Кина

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги ослободи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет тарифи, вклучително и давачките од 145 отсто за кинескиот увоз.
Во известувањето објавено денеска од Царината и граничната заштита на САД се наведува дека ослободувањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од складиште по 5 април.
Администрацијата на Трамп вели дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната тарифна стапка од 10 отсто, ниту според повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина.
Бројни други електронски делови, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, исто така се изземени, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
80 отсто од iPhone телефоните наменети за американскиот пазар се произведуваат во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената царинска несигурност, Apple и другите производители, како што е Samsung, со години се обидуваат да ги диверзифицираат производствените синџири со преместување на дел од нивниот капацитет во Индија и Виетнам.
Свет
Израел најави проширување на офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа

Израелската армија ќе ја прошири офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа, најави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Наскоро операциите на израелските одбранбени сили ќе се интензивираат и ќе се прошират во други зони во поголемиот дел на Газа, а вие треба да ги евакуирате борбените зони“, рече Кац во пораката до палестинското население.
Кац денеска објави дека израелската армија ја завршила контролата врз „клучната оска Мораг“ меѓу градовите Рафах и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Свет
Во Оман започнаа посредничките преговори меѓу Иран и САД

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, денеска започнаа ретки „индиректни“ преговори во Оман, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи на Иран Абас Рагши и претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф „почнаа благодарение на посредништвото на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди“, изјави Есмаил Багаи на социјалната мрежа Х.
Портпаролот рече дека преговорите ќе се одржат на местото што го планира оманскиот домаќин, дека претставниците на Иран и САД ќе седнат во салите и ќе си ги пренесат своите ставови преку министерот за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши им рече на иранските новинари дека „ако има доволно волја од двете страни, ќе одлучиме за календарот, но се уште е рано да се зборува за тоа“.
„Сега е јасно дека преговорите се индиректни и според нас само за прашањето за иранската нуклеарна програма и ќе се водат со желба да се постигне договор кој е еднаков и води кон обезбедување на националните интереси на иранскиот народ“, рече Арагши.
Американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Виткоф овие преговори ги нарекоа „директни“.
Не се очекува веднаш да има генерален договор, но влогот е многу голем за двете земји кои се непријателски речиси половина век, пишува агенцијата АП.
Трамп постојано предупредуваше дека би можел да нареди бомбардирање на нуклеарни постројки во Иран доколку не се постигне договор, а иранските власти предупредија дека може да започне со изградба на нуклеарно оружје од залихите на ураниум.