Македонија
Манчевски: НАТО и ЕУ го препознаваат спротивставувањето на хибридните закани
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествува на втората „Тркалезна маса за лидери на високи позиции, посветена на хибридните закани поврзани со информациите“, финансирана од програмата „Наука за мир и безбедност“ и коспонзорирана од Министерството за одбрана на САД.
Во наредните неколку дена во Охрид, учесниците, меѓу кои истакнати академици, правни експерти и практичари од високо ниво, ќе имаат можност да дискутираат на теми поврзани со заканите што влијаат врз политичките, територијалните и економските аспекти на една земја, преку разните информации, дезинформации, неинформирањето и медиумите, традиционалните или социјалните.
Главен предавач на настанот е Марк Лајти, директор на Секторот за комуникации при Врховниот штаб на НАТО, сојузничките сили во Европа (SHAPE).
„Од 2016 година наваму НАТО и Европската Унија го препознаваат спротивставувањето на хибридните закани како приоритет за соработка и за нас како Влада претставува потврда за нашите заложби, што веќе сме дел од оваа мрежа за соработка. Хибридните закани се разновидни и постојано се менуваат, а за справување со нив неопходна е соработка и координација меѓу многу државни институции. Во моментот сме во фаза на дефинирање критичка инфраструктура и организирање нејзина одбрана. Нашите тимови неуморно работат со поддршка на нивните колеги од меѓународната заедница”, истакна министерот Дамјан Манчевски.
Посочувајќи го примерот на Финска, која отпорноста против таканаречените хибридни закани ја претвори во национален концепт, министерот Манчевски ги посочи активностите на Владата на Северна Македонија во насока на подобрување на комуникацијата и транспарентноста, што ќе доведе до побивање на лажните информации.
„Владата веќе изработи комуникациска стратегија и стратегија за отворени податоци, во завршна фаза е и стратегијата за транспарентност, а активно работиме и на планот за борба со дезинформациите и лажните вести. Во однос на јакнење на капацитетите за сајбер-безбедност, првпат изработивме стратегија и скциски план за сајбер-безбедност. Исто така, неопходно е континуирано да се развиваме и да поддржиме квалитетно и независно новинарство во каква било нова форма во која тоа ќе еволуира. Сепак, професионалното новинарство е во нераскинлива врска со функционирањето на демократијата“, истакна министерот Манчевски.
На тркалезната маса ќе земат учество лидери на високи позиции од над 20 држави од Европа, од Соединетите Американски Држави и од НАТО.
Тркалезната маса е во организација на Универзитетот „Џорџ Мејсон“ од САД, Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје и Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево.
Настанот се одржува во октомври како месец посветен на борбата со сајбер-криминалот и за јакнење на капацитетите на државите за сајбер-безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

