Македонија
Отворена Младихаб – канцеларија на претседател на Република Северна Македонија

Од денеска во центарот на Скопје за младите на различна возраст е достапна Младихаб – канцеларија на претседател на Република Северна Македонија. Просторот ќе има повеќе намени, а ќе биде достапен за млади уметници, за организирање настани од различен карактер, за граѓанските организации, како и за разни граѓански иницијативи
Истовремено, Младихаб – канцеларија на претседател ќе овозможи и курсеви и обуки за унапредување на дигиталните вештини на младите луѓе, во замена за извршена волонтерска и општокорисна работа во заедницата. Односно, во зависност од вештините, интересите и потребите на заедниците во коишто живеат, младите ќе треба да учествуваат во одредена иницијатива во заедницата, со што ќе се стекнат со ваучер што потоа ќе им овозможи пристап до обука за дигитални и меки вештини. Крајната цел е младите луѓе во Северна Македонија на возраст од 15 до 29 години да се стекнат со нови, но и да ги подобрат постојните дигитални вештини за да можат да одговорат на дигиталната трансформација на економијата.
Во рамки на промоцијата на проектот денеска во Младихаб – канцеларија на претседател на Република Северна Македонија, се одржа панел-дискусија на тема „Дигитални вештини и трансформација на општеството“.
Истакнувајќи дека за 90% од работните места многу скоро ќе бидат потребни соодветни дигитални вештини, претседателот Стево Пендаровски посочи дека е потребна едукација особено на младите луѓе за да бидат покомпетативни на пазарот на трудот и додаде дека „клучот е кај сите што го реализираат образовниот процес училиштата, факултетите, граѓанските организации“.
Пендаровски истакна дека во овој простор треба да има колку што е можно помалку политичари, а да има повеќе млади луѓе коишто постојано ќе ја користат канцеларијата.
„Наша задача е да отвориме простор, да дадеме шанса за креативните млади луѓе, за нивната енергија понатаму да се развива, и да го води ова општество, но ние да не бидеме тука. Погубно е политичарите да отвораат и затвораат процеси и во меѓувреме да ги менаџираат. Вие треба тоа да го работите. Еве ви сега простор плус каде тоа ќе можете да го направите. Ако фали нешто плус, ќе дополниме. Имаме одлични спонзори, соработници и пријатели, луѓе кои го разбираат целиот овој проект. Јас се надевам дека ова ќе биде место на кое од денеска па натаму секојдневно ќе се дружиме и ќе слушаме само убави муабети“, истакна претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека во оваа канцеларија наместо за политика ќе се зборува за новите технологии и за тоа како да се придонесе нашето општество и нашите луѓе да бидат посреќни и побогати.
Од националниот младински совет, пак, истакнаа дека МладиХаб – канцеларија на претседател претставува можност за младите да креираат, да ги остварат своите идеи, како и да научат нешто ново. Дополнително посочија дека Младихаб – канцеларија на претседател е одличен пример за соработка помеѓу граѓанските организации и државните институции.
Проектот Младихаб – канцеларија на претседател на Република Северна Македонија е финансиран од британската амбасада во Скопје, Фондот за добро владеење УКАИД, а се имплементира во соработка со Национален младински совет и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Не може децениски проблеми да се решат преку ноќ“ – ВМРО реагира на обвинувањата за загадувањето и отпадот

ВМРО-ДПМНЕ реагира на изјавите на СДСМ за загадувањето и управувањето со отпадот, обвинувајќи ја опозициската партија дека додека била на власт не понудила никакви решенија.
„Срамно е СДС да зборува за чист воздух. Тие ќе останат запаметени по тоа што наместо да се фатат за работа, организираа протести, а меѓу нив беа и тогашни министри и заменици министри,“ стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ потсети дека во 2017 година протестите за чист воздух ги поддржувале и тогашните кандидати за градоначалници на СДСМ, а поранешниот премиер Зоран Заев ветил решавање на проблемот со Вардариште – ветување што не било исполнето.
Во реакцијата се спомнува и актуелната кандидатка за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, која доаѓа од Министерството за животна средина, со критика дека не понудила решенија за клучните еколошки проблеми.
„Надлежните сектори се на терен и работат на санирање на проблемот со отпадот. ВМРО-ДПМНЕ тековно работи на решавање на проблемите на граѓаните, но децениски проблеми не можат да се решат преку ноќ,“ наведуваат од партијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со готови листи за советници и кандидати за градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ објави дека целосно ги комплетирала листите за советници и кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, изјави дека се одбрани кандидати кои во изминатите четири години покажале добри резултати, но и нови профилирани личности од своите средини. „Партијата е целосно мобилизирана и очекуваме голема победа,“ нагласи тој.
Сајкоски додаде дека советничките листи се изработени врз основа на предлози од месните и општинските комитети и дека, според анкетите и анализите, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе советници и градоначалници отколку на изборите во 2021 година.
„Граѓаните го ценат квалитетот на понудените кандидати и трудот што е вложен во изминатиот период. Работата и резултатите ќе бидат наградени на изборите,“ рече Сајкоски.
Денеска на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и членови на совет за сите кои што сакаат да се кандидираат на Локалните избори закажани за 19 октомври.
Македонија
Алиу: Нашата цел се едноставни дигитални решенија со директна корист за пациентите

Министерството за здравство учествуваше на XXI Конгрес на лекари во организација на Македонското лекарско друштво, каде во фокусот на еден од панелите беше дигитализацијата и новите технологии во здравството.
Во рамки на Fireside Chat дискусијата „Solving Human Health“, министерот Алиу нагласи дека граѓаните денес се технолошки подготвени повеќе од кога било досега, што претставува основа и обврска за поголемо дигитално учество во здравствениот систем.
„Нашата цел е едноставни и практични решенија што ќе носат директна корист за пациентите: полесен пристап до податоци, навремени информации и сигурност дека нивните податоци се заштитени. Системот ‘Мој Термин’, апликацијата ‘Мое Здравје’ и идните национални мрежи за радиологија и телемедицина се чекор напред во таа насока. Верувам дека со зголемување на интероперабилноста, анализа на податоци и примена на нови технологии, ќе создадеме поефикасен и поправеден здравствен систем,“ истакна министерот Алиу.
Свое учество на оваа панел дискусија имаше и Далибор Фруниќ, извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство.
„Дигитализацијата на здравството во Македонија е на светско ниво и податоците кој постојат се богатство кое ќе овозможи напредни чекори во вештачка интелигенција и ‘data-driven decisionmaking’, за бенефит и на системот и на клиничка пракса“, рече Далибор Фртуниќ извршен директор на СОРСИКС и експерт за дигитално здравство.
На панелот беше истакната потребата од: целосна интероперабилност на системите и размена на податоци, поголема употреба на постоечките алатки за анализа и предвидување на потребите, воспоставување на национална радиолошка мрежа (PACS) и пилот проекти за телемедицина, глобална соработка со европски и меѓународни иницијативи.
Преку новите дигитални решенија ќе се овозможи поефикасно управување со листите на чекање, следење на епидемиолошки состојби и поголема ефикасност на скрининг програмите.
Министерството за здравство останува посветено на создавање на модерен дигитален систем кој ги става пациентите во центарот на здравствената заштита.