Култура
(Видео) Работниците во културата побараа итно потпишување на колективниот договор

Доста нè лажеа и доста чиновници од Министерството за култура одлучуваат за состојбата во културата, нашиот статус и вработувањата, ова министерство е само сервис на културата, а ние сме тие кои знаеме што треба да се менува во нашата дејност за нештата да одат напред, рече Гоце Павловски, секретар на Синдикатот на културните работници на Македонија, во својот воведен говор пред Министерството за култура на денешниот предупредувачки марш за потпишување колективен договор. По него своите пораки за итно потпишување на колективниот договор ги испратија и претседателите на синдикатите од 46 институции од културата од целата земја. Протестниот марш со бројни поддржувачи тргнаа од паркот позади Филхармонијата до Владата па до Министерството за култра. Пред Владата испратија гласна порака каде хорот на Националата опера и балет изведе дел од операта „Хорот на Евреите“ од Набуко.
Министерството за култура ги поддржа вработените во културата за остварување на нивните барања а премиерот Зоран Заев на претседателката на СКРМ, Јовановиќ, ѝ ветил средба на 24 октомври.
„Министерството за култура ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации. Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на колективниот договор. Предлог-законот е во завршна фаза, и работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување. Укажуваме дека предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и предлог-текстот на колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од минатата година, но се чекаше усогласување со новите измени на прописите за јавна администрација, кои сега се достапни на јавноста. Со оглед на тоа дека е утврден концептот на новиот закон, во Министерството за култура засилено и посветено работи со работната група за подготовка на колективниот договор за културата, во која се вклучени членови на СКРМ и на СОНК. Со КД се очекува, покрај другите прашања од областа на работните односи, да се надминат и присутните проблеми во утврдувањето на платите на вработените во установите во културата. Со КД, заедно со синдикатите ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висната на платите во културата. Се очекува во наредниот период колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата и дека ќе биде применлив од 1.01 2020 година“, велат од Министерството за култура.
Претседателката на СКРМ, Сања Арсовска, рече дека одложување повеќе не смее да има и колективниот договор може да се потпише и по стариот Закон за култура. Заложба на СКРМ било да се потпише колективен договор врз основа на нов закон за култура, но бидејќи законот со кој би се регулирале правата сè уште не е донесен тие, нагласи Арсовска, повеќе нема да го чекаат неговото донесување и колективниот може да го потпишат врз основа на постојниот закон.
„Нивелацијата се протолкува како зголемување на платите во културата. Не, тоа беше порамнување на платите и исправање на една неправда што се случуваше во минатото. Она што сега им следува на вработените во културата е колективен договор во кој ќе се уредат платите, коефициентите според сложеноста на работните места, точно ќе се уредат условите за надоместоците на плата“, рече Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Златниот објектив“ за 𝟤𝟢𝟤𝟧 година во рацете на доајенот Петар Богоевски: награда на Кинотека на Македонија

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златниот објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.
Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.
„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Оттаму, свеченото доделување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи во вторник, на 29 април, во 12.00 часот во киносалата на Кинотеката на РС Македонија.
Култура
Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на „Симпсонови“

Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на анимираната серија „Симпсонови“.
Креаторите на серијата одлучиле да внесат спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија.
Во епизодата е вклучен тим од земјата. Се работи за сестрите Невена и Калина Нешкоска и нивниот брат Наум, кои заедно го водат едукативниот канал, Дарко Биберко.
„Учествувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски. Благодарност до композиторка Кара Талве, која ја овозможи оваа соработка“, напиша Невена Нешкоска на Фејсбук.
Епизодата премиерно ќе се емитува во САД во недела, на 27. април, во 20 часот (2:00 понеделник наутро по македонско време) на американската телевизија „Фокс“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.