Македонија
Димитров: Докажавме дека со политичка волја и лидерство можат да се надминат тешките отворени прашања со соседите
Во Северна Македонија во изминативе неколку години успеавме да направиме суштинска општествена промена. Тргнувајќи од состојба на заробена држава, како што ја дефинираше Европската комисија во 2016 година, станавме земја светол пример во регионот, но и пошироко, истакна министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој е кодомаќин на денешниот регионален промотивен настан на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Horizontal facility за Западен Балкан и Турција втора фаза.
Димитров нагласи дека очекуваното започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија ќе покаже во пракса како една земја може суштински да се промени и напредува.
„Докажавме дека со политичка волја и лидерство можат да се надминат тешките отворени прашања со соседите, но и смело се впуштивме во домашната реформска агенда, со цел да обезбедиме европски живот дома, а не надвор од границите на регионот“, рече шефот на дипломатијата.
Во однос на програмата Horizontal facility, вели дека целта е обезбедување подобар животен стандард и европски начин на живот за граѓаните.
„Заедничката програма дава можност да ги утврдиме областите во кои нашите земји имаат потреба од понатамошна поддршка во домашните реформски процеси преку активно вклучување на корисниците со цел постигнување на европските стандарди“, рече Димитров.
Тој информира дека во рамки на првата фаза од програмата, 80 отсто од затворскиот персонал ги зголемил своите знаења и вештини од темите за човекови права, а воспоставен е и полициски механизам за надворешен надзор во однос на полициската работа.
Со проектот за поддршка на засилен пристап до услуги за бесплатна правна помош со повисок квалитет, Димитров појасни дека беа спроведени правни анализи за Министерството за правда во процесот на финализирање на законот за бесплатна правна помош.
„Со акцијата Борба против економскиот криминал беше направен напредок од воспоставување регистар за корисничка сопственост. Во рамките на акцијата за спречување и борба против трговија со луѓе се спроведуваат обуки на приближно 90 отсто од трудовите инпектори во земјата, додека предлог-законот за државен фонд за компензација за жртви на насилни злосторства е во завршна фаза за подготовка“, рече Димитров.
Колин Волф од Европската комисија вели дека хоризонталниот инструмент како да не го истакнува до крај фактот дека се работи на едно многу важно прашање, како што е владеењето на правото, и без кое луѓето не можат да имаат нормален живот.
Владеењето на правото, како што посочи, е суштинска важност за секој поединец, за сите групи, за демократијата, демократските институции, поддршката на демократските институции, еден од најважните концепти во кој треба да веруваме.
„Хоризонталниот инструмент работи на овие прашања, кои се важни за многу аспекти во однос на општествениот живот и очекувањето на граѓаните од нивните лидери. Ова е важно и за успешен економски раст затоа што на делумните субјекти потребна им е сигурност при владеење на правото. Луѓето мора да знаат дека се заштитени и ова е важно за справување со многу предизвици кои се присутни во нашите земји, како на пример да се задржат младите луѓе во регионот. Врз основа на ова начело можеме да создадеме Европа сконцентрирана на вредностите кои ги исполнува и спроведува“, рече Волф.
Волф потсети дека Европската комисија препорача да се отворат преговори за членство со нашата земја и со Албанија и се надева дека ќе биде донесена позитивна одлука следната недела на Советот на министри и на Европскиот совет.
Тој ѝ честита на Северна Македонија за сите напори што ги презема за сите теми на кои се зборува на регионалната конференција.
Во рамки на настанот, учесниците имаат можност да учествуваат во работата на паралелни тематски работилници, од кои секоја покрива теми од четирите главни тематски области: обезбедување правда (затвори и полиција; правда и човекови права), борба против корупција, економски криминал и перење пари; борба против дискриминацијата и заштита на правата на ранливите групи (образование, човекови права и спречување на дискриминација; трговија со луѓе) и слобода на изразување и медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 16 часот
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, информира дека на основа на добиените информации од различни градови и региони, состојбата во повеќето делови на земјата е стабилна и редовна, со слаби до повремени врнежи од дожд и зголемени водостои, но без сериозни нарушувања, додека во некои региони има активности и ангажирање на службите поради зголемени водостои и одрони на патиштата.
Региони со нормални состојби
– Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот и Источниот регион имаат стабилна состојба, со слаби или повремени врнежи од дожд, зголемени водостои на реките, но без излевања, поплави или нарушувања во сообраќајот и други сегменти.
Региони со ангажирање и активности
– Тетово (Северозападен регион) – состојбата е стабилна, но врнежите од снег и дожд предизвикале потешкотии на патните правци Тетово–Скопје и Тетово–Гостивар, па барано е од „Македонија пат“ веднаш да интервенира за одржување на коловозот и обезбедување на безбеден сообраќај.
– Штип и Кочани (Источен регион) – има слаби врнежи од дожд и зголемени водостои на реките, но нема поплавување; во општината Кочани на Оризарска река од понеделник продолжува работа на механизација на „Водостопанство“ за спуштање на водостојот и спречување на евентуални проблеми.
Патни правци
– Истибања–Делчево–Граничен премин (Источен регион) – има почести пријави за одрони на камења, па екипи на „Македонија пат“ постојано се на терен и во координација со СВР Штип се регулира одвивањето на сообраќајот, со поставување на контролни точки и временски ограничувања за возилата.
Кичево
Поради повторните врнежи од дожд, водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но засега се под нивото на излевање. Критично е кај ул. Прилепска, во населбата претходно најпогодена со околу 125 поплавени објекти.
Екипи на ЈП „Комуналец“ со механизација работат на насипи и проширување на коритото на Зајашка река, како и на чистење на воден канал во населба Иванидол. ПО ДЗС Кичево е на терен и е подготвена за интервенција со вреќи со песок, а фирмата „Инсталација“ расчистува кај училиштето „Санде Штерјоски“ и градинката „Ластовички“.
Состојбата со 125-те поплавени објекти останува непроменета. Евакуирани се 150 лица, сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде ЦК Кичево обезбедува грижа, медицинска контрола и храна.
Регионални патишта во Дебар (Југозападен регион) – има слаби врнежи од дожд, дотокот на Радика е зголемен, но без опасност од излевање; екипи на „Македонија пат“ се на терен и интервенираат на отстранување на евентуални одрони на регионалниот пат Маврово–Дебар и Дебар–Струга, за да се одржи непречено движење на сообраќајот.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.

