Македонија
Обвинителството со детали: Под истрага пет физички лица и едно правно лице за „Рекет”
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба за спроведување на истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело измама, предвидено и казниво по член 247 став 4 во врска со член 45, и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 став 1 од Кривичниот законик. Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело измама по член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 24, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик. Правното лице се сомничи дека сторило кривично дело измама по член 247 став 8 во врска со став 4, врска со став 1 од Кривичниот законик.
Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Другите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација. Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што ги искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.
Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување мерки за обезбедување присуство на осомничените, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во текот на денот ќе достави предлог за определување мерка притвор за едно лице и мерки на претпазливост за другите осомничени лица. Првоосомничениот во рамките на друга постапка се наоѓа во притвор, се наведува во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Имаме најниско покачување на струјата во Европа, СДС и Филипче треба да се извинат што го лажеа народот
Уште една лага на СДС распрсната, нема покачување на струјата како што тврдеа, имаме најниско покачување во Европа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДС, додаваат од владејаќката партија, тврдеше дека државата ќе има поскапување на струјата од цели 5%.
„Се потврди дека станува збор за уште една голема лага. Покачувањето е 2,28% и е најниско во Европа. Владата реши да ја субвенционира електричната енергија и со тоа директно да го заштити стандардот на граѓаните“.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДС и Филипче треба да се извинат што, како што велат, го лажеа народот и граѓаните и споделуваа црни сценарија.
Македонија
На Клиниката за пластична хирургија извршени две сложени микрохируршки операции
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија се извршени две исклучително сложени микрохируршки операции кои траеја од 6 до 12 часа и бараа највисок степен на подготовка, експертиза, прецизност и тимска координација, информираат од Министерството за здравство. Операциите, како што е соопштено, се извршени под менторство на проф. д-р Јан Јерун Вранкс од Белгија, истакнат европски и светски експерт во областа на реконструктивната микрохирургија и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
– Овие интервенции се доказ дека кога во нашите клиники се вложува во знаење, современи техники и тимска работа, резултатите се на ниво на најдобрите европски центри. Благодарен сум за поддршката и менторството од проф. д-р Јан Јерун Вранкс и горд на целиот тим на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, затоа што со вакви зафати влијаеме на враќање на довербата во квалитетот на услугите кои граѓаните може да ги очекуваат од јавното здравство, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Директорката на Клиниката, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска истакна дека интервенциите претставуваат огромен чекор кон развојот на современата реконструктивна микрохирургија во нашата земја.
– Успешно извршените интервенции се уште една потврда за способностите и стручноста на домашниот медицински кадар и на мотивираната соработка со светски експерти како проф. д-р Ј.Ј. Вранкс, кој нè води и насочува со ентузијазам и амбиција кон една фасцинантна ера за македонската реконструктивна пластична хирургија“, посочува директорката.
Постоперативно, двајцата пациенти се во стабилна и добра општа состојба.
– Кај еден од пациентите е третиран комплексен дефект на носот по ресекција на тумор. Изведена е целосна тродимензионална реконструкција на носот. Операцијата вклучуваше употреба на ’рскавица за формирање носна структура и слободен кожен резен кој ги обложува овие структури како и подот на носот, со неопходно спојување на крвни садови под микроскоп. Овој вид реконструкција, изведена во еден оперативен чин, е исклучително редок дури и на светско ниво, појаснува д-р Бисера Николовска, раководител на одделот за микрохирургија и реконструктивна хирургија.
Од Клиниката нагласуваат дека успешните интервенции се резултат на заедничката работа и посветеност на мултидисциплинарен тим составен од:
пластични хирурзи: науч.сор. д‑р Бисера Николовска, ас. д‑р Гордана Георгиева, ас. д‑р Благоја Србов, како и специјализантите: д‑р Јасмина Добревска, д‑р Елизабета Мјовска, д‑р Викторија Ончева, д-р Емона Кадриу и д-р Сања Петровска. Тимот од анестезиологија е составен од: д‑р Мирјана Бурмузовска; анестезиски техничари: Марјан Трајановски, Хатиџе Исеини и сестри инструментарки Анита Петрушевска и Снежана Чукниева.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Жерновски и Филипче се доказ дека во СДС нема нов почеток, туку кадри што се симбол на неуспех, предавство и скандали
Кадри како Жерновски и Филипче се симбол на неуспех, предавства и скандали. Доказ за тоа дека во СДС нема нови лица, ниту пак некакви реформи е тоа што Андреј Жерновски е дел од раководството на Филипче. Прелетач од ЛДП во СДС на Заев, дојден за функција, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски, како што вели тој, е неуспешен и скандалозен дипломат.
„Шеташе по Букурешт, претставувајќи се како амбасадор на Македонија, а притоа немаше добиено акредитации за истото. Јавноста добро го памети Жерновски и по тоа што е неуспешен градежник, затоа што долго време говореше дека трибината на новиот стадион во Скопје кај и да е ќе се урне, ама ете ја таа стои и беше домаќин на најголемото европско фудбалско финале во 2017тата година.
Народот го памети Жерновски и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар. Своевремено, Жерновски ја превработи општината, но и претпријатието „Паркинзи Центар’’ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС“.
Центарци, додава Манасиевски, го паметат и по тоа што постави хаусмајстор да биде главен инспектор, а со тоа не ги испочитувал решенијата на Државниот управен инспекторат.
Како што оценува, на штета на македонскиот идентитет и позиции, Андреј Жерновски, неуспешниот политичар, јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија, но со оглед на тоа што неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, не му било тоа воопшто проблем.
„Жерновски и Филипче се имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата. Тие не се нови кадри, туку се кадри кои неколку пати се виновни за поразите на СДС низ годините. И по сите неуспешни обиди во политиката, од градоначалнички избори до дипломатски активности се стави на располагање заедно со Филипче да биде најголемиот поборник на бугарските агенции и бугарските интереси во државата.
Новите сили на СДС се потрошени кадри кои веќе биле дел од раководни позиции и фукционери кои не покажале никакви резултати и ја изневериле довербата на граѓанит“.

