Македонија
Уште 7 лица од заводот „Бања Банско“ добија топол дом
Уште седум лица од ЈУ Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ добиваат топол дом. Министерството за труд и социјална политика обезбеди 4 станбени единици во Струмица кои се целосно прилагодени за нивните потребите. Се работи за корисници кои изразија желба да ја напуштат установата и по 20-30 години сместени во неа ќе продолжат да живеат самостојно.
„Им честитам на жителите на новите станови за нивната желба, упорност и храброст што ја донесоа оваа одлука и да продолжат да живеат самостојно, а ние сме тука да ги поддржиме во нивните намери. Посебно се радувам што процесот на деинституционализација со кој изминатиот период беа опфатени само децата згрижени во институции, сега се спроведува и за повозрасните лица. Сакам да се заблагодарам и на УН-агенциите кои максимално се вложија ова денеска да стане реалност, како и до вработените и раководството на Заводот за рехабилитација, кои од самиот почеток се вклучени во овој процес“, истакна Царовска.
Становите се адаптирани согласно индивидуалните потреби на корисниците и опремени со потребната опрема и мебел, која целосно е избрана од самите корисници. Како поддршка на независното живење обезбедена е услугата лична асистенција, а ќе биде дополнително ангажиран и негователски кадар.
„Претставува огромно задоволство да се види дека процесот на деинституционализација напредува толку добро во изминатиот период. Искрено ја славиме и честитаме за посветеноста на Министерството и на целата Влада во спроведувањето на овие реформи. Потребни се многу напори и посветеност за да се осигура дека лицата со попреченост може да ги реализираат своите права да живеат независно и да бидат вклучени во заедницата. Затоа, сакам да ги уверам Владата и заедницата дека целото ОН семејство е достапно и одлучно да ја обезбеди сета неопходна поддршка за во овој процес никој да не заостане”, рече Росана Дуџак, резидентен координатор на Обединетите нации (ОН).
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, рече дека денеска Струмица е сведок на процесот на деинституционализација на овие институции и според него овој концепт дава една голема можност за корисниците да ја покажат својата индивидуалност, креативност, можност да делуваат на општеството.
„Ние како општина ја поддржуваме оваа активност, бидејќи мислам дека тоа е еден напреден и визионерски концепт кој верувам дека целосно ќе успее. На овие први, храбри пионери коишто еве ќе ги почувствуваат благодетите на овој проект им посакувам многу здравје и успех, да го искажат сопствениот потенцијал за да видиме што тие можат кон општеството, а не што не можат. Општина Струмица им стои на располагање, можат да сметаат на нашата поддршка како досега така и понатаму, за да може овој процес да успее максимално”, изјави Јаневски.
Првите корисници кои излегоа од заводот „Бања Банско“ се Фанка и Јонче, кои сега живеат самостојно, имаат личен асистент и ги добиваат сите потребни услуги. Во моментот се подготвува преселба на дополнителни 4 корисници од „Бања Банско“, за кои веќе е потпишан преддоговор за адаптација на куќа согласно со потребите на корисниците. Во наредниот период во соработка со УНДП и локалната организација „Избор” Струмица ќе почне со работа и центар за рехабилитација на лица со попреченост, кој дополнително ќе даде поддршка на овие лица во зајакнување на нивните работни потенцијали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

