Регион
Партиите на Курти и Мустафа заедно ќе ја формираат новата косовска влада

Лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, по денешната средба со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, и кадидатката за премиерка од таа партија Вјоса Османи, изјави дека двете партии победнички на неделните парламентарни избори постигнале согласност заедно да ја формираат новата косовска влада.
Курти им изјави на новинарите дека со Османи се согласиле оти е потребно минимализирање на бројот на министри и заменик-министри и дека новата влада нема да има повеќе од 12 министерства.
Кандидатите за премиер од двете партии, Курти и Османи, рекоа дека на денешната средба не се разговарало за детали, туку само се договорени принципите за заедничко владеење и се согласиле да ја чекаат конечната потврда на изборните резултати пред да го постигнат финалниот договор.
„Се согласивме да имаме праг од 30 отсто родова застапеност, значи најмалку 30 отсто и од министрите и од замениците министри ќе бидат жени. Ќе имаме многу помалку министри и многу помалку заменици министри, но ќе имаме многу поголема посветеност и работа. Нашите професионални тимови ќе се состанат за да ги хармонизираат програмите и да се усогласат околу нашите заложби“, изјави Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.
Регион
Автобус со работници се преврте кај Сремска Митровица, има жртви

Тешка сообраќајна несреќа се случи попладнево околу 14:30 часот на излезот од Сремска Митровица, кај поранешната фабрика „Матроз“, кога автобус на „Сирмиумбус“ што превезувал работници од фабрика се превртел на кров, јави Нова.рс.
Според првичните информации, најмалку две лица загинале, а повеќемина се повредени и се пренесени во Општата болница во Сремска Митровица. На местото на несреќата се полицијата и противпожарните служби, а сообраќајот е блокиран поради увидот.
Фотографии од местото на настанот покажуваат долги колони возила на патот Сремска Митровица – Јарак. Истрагата за причините е во тек.