Македонија
Мицкоски за 11 Октомври: Оние кои се кренаа против неправдите се пример дека борбата за Македонија никогаш не завршува

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, Денот на народното востание, 11 Октомври.
„На овој голем ден македонскиот народ се крена во борба против фашизмот и ја продолжи борбата за македонска држава на илинденците и на цела една плејада нивни претходници. Целта на востаниците кој се кренаа против фашистичкиот окупатор беше остварување на вековниот стремеж за создавање на независна и суверена, Република Македонија. Ова беше голема победа за нашиот народ, но и придонес за слободата во Европа“, вели Мицкоски во обраќањето.
Тој повикува жртвата на оние кои се кренале против неправдите да биде пример дека борбата за Македонија никогаш не завршува и дека секоја генерација има својата битка.
„Денес Македонија е притисната од нови предизвици, тешко секојдневие и несигурност. Сиромаштијата и корупцијата ја загрозуваат иднината, а лошото здравство, уништеното земјоделие, недостиг на реформите, иселувањето го разјадуваат нашето општество. Ова се работите кои сите заедно мораме да ги смениме, да ја донесеме обновата и да градиме иднина, да ги споделуваме европските вредности и да се избориме за европската перспектива на Република Македонија“, нагласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето во кое додава дека 11 Октомври засекогаш ќе биде еден од светлите примери за македонскиот непокор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Царинската спречи шверц на дрон, штеки со цигари, детски електрични автомобили

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, фалсификувана стока, дрон, регистарска табличка и документи за камп-приколка.
Во два одделни случаи на граничните премини Богородица и Дојран запленети се 22 штеки цигари без акцизни маркички.
Во првиот случај, како што соопшти Царинската управа, запленети се 12 штеки цигари при контрола на камион-цистерна кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин Богородица. Цигарите биле пронајдени во две ќеси сместени на горниот дел од цистерната во просторот околу отворот за полнење. Вредноста на цигарите изнесува 16.200 денари, а избегнати се давачки во износ од 27.195 денари.
Во вториот случај, на граничниот премин Дојран на влез во државава запленети се 10 штеки цигари при контрола на камион. Цигарите се пронајдени при преглед во кабината на камионот во најлонска ќеса. Вредноста на цигарите изнесува 6.480 денари, а избегнати се давачки во износ од 15.896 денари.
Мобилни тимови на влез во држвава на граничниот премин Блаце спречија обид за шверц на дрон марка MAVIC 2 ENTERPRICE со батерии, полнач и контролер со проценета вредност од 159.660 денари.
Во два случаи од страна на мобилните тимови запленети се разни прозиводи со ознаки на заштитени трговски марки.
Во првиот случај запленети се 15 детски електрични автомобили со ознаки на заштитени трговски марки кои се задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во вториот случај запленети се 1.190 тетратки, 70 детски шатори и 1.390 играчки со ознаки на заштитени трговски марки, исто така задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
При контрола на автомобил на граничниот премин Табановце на влез во држвава од страна на мобилните тимови, пронајдена е британска регистарска табличка и сообраќајна дозвола за камп приколка. Непријавените предмети биле пронајдени под патосницата зад совозачкото седиште и во задниот џеб на совозачкото седиште.
Македонија
Вицепремиерот Николоски од денеска во работна посета во Франција, во фокусот унапредување на економската и трговска соработка

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во дводневна работна посета на Франција каде е придвидено да оствари низа економски и политички средби на кои ќе се разговара за унапредување на билатералните односи и економската соработка меѓу двете земји.
На средбите покрај можностите за зголемување на трговската соработка, предвидено е да се претстават планираните инфрастрктурни проекти како дел од регионалниот развој, а исто така ќе се презентираат и условите за инвестирање во Македонија.
Во текот на денешниот ден, вицепремиерот Николоски предвидено е да се сретне со високи претставници од Министерството за надворешни работи како и претставници од Министерството за економија и финаисии.
Исто така ќе оствари средба со над 10 најголеми компании во Франција пред кои ќе ги презентира приоритетните инфраструктурни проекти како и можностите за инвестирање во Македонија.
Во текот на утрешниот ден предвидено е да оствари средба со министерот за транспорт, Филип Табарo.
Во рамки на постета во Париз, вицепремиерот Николоски ќе оствари работни средби и со претставници од УНЕСКО каде ќе се разговара за предизвиците во насока на зачувување на светското културно наследство.
Македонија
Сиљановска-Давкова на НАТО самитот во Хаг

На покана на Генералниот секретар на НАТО, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ќе учествува во работата на Самитот којшто денеска и утре се одржува во Хаг, Кралството Холандија.
Во состав на државната делегација предводена од претседателката ќе бидат министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во фокусот на Самитот се очекува да биде предлогот на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за зголемување на процентот на финансиските средства коjшто државите-членки на Алијансата годишно го одвојуваат од националниот БДП.
На маргините на Самитот претседателката Сиљановска-Давкова ќе оствари билатерални средби со претседателите на некои од земјите членки на НАТО.