Економија
Поради аферата „Дизелгејт“, 470.000 Германци го тужат „Фолксваген“

Поради аферата „Дизелгејт“, 470.000 Германци поведоа тужби против автомобилската компанија „Фолксваген“.
Станува збор за сопственици на возила купени по 1 ноември 2008 година, а користењето на спорниот софтвер за лажно прикажување на емисиите на издувни гасови беше откриено на 1 септември 2015 година.
Групацијата „Фолксваген“ досега потроши речиси 28 милијарди евра за санација на штетата, односно за плаќање казни, компензации и судски пресуди низ светот.
Експертите се согласни дека судскиот процес во Германија, поради комплексноста на случајот, како и големиот број тужби, би можел да трае четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на Балканскиот Енергетски Самит во Атина

Министерката Божиновска на Балканскиот Енергетски Самит во Атина – фокус на регионална соработка и енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ќе учествува на 9. Балкански Енергетски Самит во Атина, Грција, кој се одржува под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија.
Божиновска ќе биде дел од министерскиот панел со кој официјално се отвора самитот, и заедно со министри од земјите од регионот ќе дискутира за зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот. Во фокусот на разговорите ќе бидат регионалната енергетска безбедност, хибридните енергетски решенија и создавањето на заеднички одговор на глобалните предизвици.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, ќе го претстави националниот план за енергетска транзиција, со акцент на постепеното преминување од јаглен кон хидроген и природен гас – процес што Северна Македонија го води како дел од својата долгорочна енергетска политика.
Оваа година, Балканскиот Енергетски Самит обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки актери од енергетската индустрија. Настанот претставува клучна бизнис-платформа за стратешки партнерства и отворање на нови можности за инвестиции во енергетскиот сектор во регионот.
Економија
Трипуновски: Над 130 милиони евра легнаа на сметките на земјоделците

Со самото влегување во Владата, во Министерството, наследивме една хаотична состојба, значи празна каса, неисплатени субвенции, недонесени законски и подзаконски акти, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски одговарајќи на новинарско прашање.
„Со сите заостанати обврски кои што ги наследивме, можам слободно да кажам дека се исплатени околу 8 милијарди денари по основ на заостанати и тековни исплати на субвенции. Тоа се речиси 130 милиони евра кои што легнале на сметка на земјоделците од сите групи на производители“, нагласи министерот.
Тој додаде дека ова е уште еден показател дека кога се работи домаќински, посветено, одговорно, се вреднува трудот на македонскиот земјоделец.
„На вистинската патека сме за да ја вратиме довербата на земјоделците спрема Владата и институциите. Тоа ние заедно со премиерот Мицкоски го докажавме изминативе 10 месеци и така ќе продолжиме во следниот период“, посочи министерот Трипуновски.
Економија
Народната банка доби признание од ММФ за економската отпорност на Македонија

И покрај периодот на сериозни глобални кризи, Народната банка на Македонија одигра клучна улога во зачувувањето на економската стабилност и во зајакнувањето на отпорноста на домашната економија, беше истакнато на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и нивните тимови, учествува на средбите во Вашингтон каде беше нагласено дека девизните резерви на земјата се зголемени за околу 40% во однос на преткризниот период. Овој пораст, според неа, е главно резултат на солидниот прилив на странски директни инвестиции кои во 2024 година достигнаа 7,1% од БДП – едно од највисоките нивоа досега.
„Повеќе од кога било е важно да се одржи стабилноста во вакво непредвидливо глобално окружување. Нашата цел останува стабилен девизен курс и ценовна стабилност како темел за долгорочен економски раст“, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На средбите со високи претставници на ММФ, како директорот за Европа Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик и шефицата на мисијата Анет Кјобе, беше истакнато и значајното подобрување на банкарскиот систем во земјата. Македонија, според анализите, бележи најголем раст на адекватноста на капиталот во регионот, но и во однос на земјите од Европската Унија, што овозможува солиден кредитен раст.
Дополнително, беше разгледан и најновиот Светски економски преглед на ММФ, според кој се предвидува натамошно намалување на глобалната инфлација – до 4,3% во 2025 и 3,6% во 2026 година. Сепак, ММФ предупредува дека ризиците и понатаму се присутни поради трговските војни и нестабилните глобални политики.
Во рамки на македонската делегација на пролетните средби учествуваат и вицегувернерот Фадил Бајрами и вицегувернерката Ана Митреска.