Македонија
Димитров во Брисел: Европа да ја согледа важноста и да донесе визионерска одлука
Во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за првпат се обрати пред новиот состав на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, формиран по европските избори одржани во мај 2019 година.
Димитров се заблагодари до претседавачот на Комитетот, Дејвид Мекалистер, за можноста да се обрати пред срцето на европската демократија, како и на другите европратеници за досегашната конзистентна и видлива поддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија.
Притоа министерот направи и кус хронолошки осврт на европскиот пат на земјава досега, на демократската трансформација и созревањето на македонското општество во изминативе неколку години, на предизвиците и многубројните мерки, активности и постигнати резултати при нивното надминување, како и на политичкиот капитал и енергијата вложена при затворање на преостанатите чувствителни отворени прашања со соседите, водени пред сè од желбата на граѓаните за приближување кон европското семејство и вредности.
„Оваа недела дефинитивно за македонските граѓани не претставува само уште еден обичен Совет на ЕУ. Ова е нашиот состанок со историјата, на кој се очекува донесување на долгоочекуваната и, како што е потврдено од многумнина, заслужената историска одлука за почеток на преговори со ЕУ. Историска во смисла на тоа што претставува отворање на вратата за поддршка на процесите за неповратна и одржлива демократска преобразба на земјата. Но и повеќе од тоа. Таквата одлука ќе претставува и вистински сигнал во вистинско време до целиот регион на Западен Балкан и пошироко, потврдувајќи ја вербата на граѓаните во европската идеја и надежта на прогресивните сили во кредибилноста на даденото ветување за европска перспектива на земјите од регионот, согласно индивидуалните заслуги и постигнувања. Длабоко веруваме дека европските лидери во наредните денови ќе ја согледаат важноста на моментот и ќе ја донесат вистинската и визионерска одлука“, рече Димитров.
На самиот крај од дискусијата, европратеникот Дејвид Мекалистер, кој ја модерираше оваа сесија, потенцираше: „…почетокот на преговори сега е добро заслужен. Повикувам на одговорноста на сите земји членки…дека Северна Македонија заврши добра работа.”
По обраќањето на министерот уследи и интерактивна размена со членовите на Комитетот, при што главната порака што провејуваше од страна на европратениците беше во насока дека овој момент неспорно е соодветен за донесување одлука за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
Покрај настапот пред АФЕТ, министерот Димитров имаше и засебни средби со европратеничката Натали Лоазо и со шефот на кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин. На средбите беа разменети мислења околу очекувањата и изгледите за добивање на одлука за почеток на преговори во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ и на Европскиот совет оваа недела.
Во текот на утрешниот ден предвидено е Димитров да учествува на состанокот во Луксембург на министрите од PES групата од земјите членки на ЕУ кои ќе учествуваат на Советот за општи работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

