Дијаспора
Македонски организации во Бугарија: Ја повикуваме Софија да го запре говорот на омраза
,,За жал не може да се каже дека прифатената позиција на Владата и парламентот на Република Бугарија изненадува – таа е плод на 66 годишен развој на тоталитарната националистичка мисла и организиран прогон на македонското малцинство во Бугарија. Неизлечениот тоталитаризмот од внатрешен проблем сега станува меѓународен – Бугарија се обидува да претвори во услов за членство во Европската Унија прифаќањето на нејзината дискриминаторска политика. Се обидува да го негира и смени идентитетот на луѓето во Македонија како што непречено го прави тоа веќе 66 години со Македонците во Бугарија“, се вели во реакцијата на неколку македонски организации во Бугарија по усвоената Декларација на бугарскиот Парламент за условената поддршка на датумот за преговори за членство во ЕУ на Македонија.
Според нив, со својата политика и позиција Бугарија се стреми да ја исполни изреката дека со такви пријатели како неа на Македонија други непријатели не ѝ требаат. Таа многу брзо заборави како Македонија некогаш ја пушти да почне преговори за ЕУ без да ѝ поставува услови.
,,Владата на Бугарија треба да престане да се преправа дека македонско малцинство не постои. Нема зошто да им се заканувате за нас на други држави. Не го поставуваат тие тоа прашање, туку ние, граѓаните на Бугарија со македонска самосвест. Наместо да продолжи да го игра овој театар на сенките, подостојно би било Бугарија да ги прифати препораките на сите меѓународни институции и да почне да разговара со претставниците на македонското малцинство. Треба да ја запре дискриминацијата и асимилацијата и да почне да ја применува Рамковната конвенција за правата на малцинствата.
Позицијата на Бугарија директно ги нарушува фундаменталните принципи на демократијата, правата на човекот и меѓународниот поредок. Таа е директно насочени против:принципот на слобода на национално, етничка и јазична самоидентификација;принципот за суверена еднаквост на државите и забрана за мешање во внатрешни работи на други држави;исклучокот од горното правило според кој правата на припадниците на националните малцинства се составен дел од меѓународната заштита на човековите права и нивната заштита не се третира како мешање во внатрешната работа на државите, слободата на мислење и изразување, академската слобода, и слободата на научните истражувања;правото на образование, на приватен и семеен живот и пристапот кон културата и културното наследство…
Позицијата е скандалозна по содржина, апсурден обид да се зачува една тоталитарна идеологија и претвори во услов за членство во Европоската Унија. Бугарија не смее да ја злоупотребува својата позиција на членка на ЕУ за да шири и наметнува тоталитарни практики. Таа треба да запре да ги користи политичките инструменти за да ја искривува научната вистина, да се обидува да ја пренапише историјата и да им го менува идентитетот на луѓето, дури до степен да негира меѓународно признат и изучуван низ универзитетите низ светот јазик и да го претвора неговото објективно постоење во политички проблем. Политиката треба да се базира на реалности, а не на фикции од комунистичкото минато. Крајно време е бугарските демократи да го остават духот на Тодор Живков конечно да си отиде„, се вели во соопштението.
Тие сметаат дека е лицемерно и срамно е да бараш од другите она што ти самиот на го правиш:да бараш признавање и почитување на малцинства кога ти самиот ги негираш и дискриминираш малцинствата; да претендираш за рехабилитација на жртви на национална дискриминација, кога самиот ги немаш признаено и оправдано стотиците свои граѓани убиени или праќани во затвори и логори, илјадниците иселувани, тепани, бркани од работа и малтретирани на различни начини заради својата македонска самоопределба и самосвест;да се жалиш нa говор на омраза кога кај тебе таа е неофицијално озаконета и претворена во норма на поведение;да се жалиш од дискриминација кога постојано го правиш тоа.
,,Бугарија бара да измисли раска во окото на Македонија занемарувајќи и оправдувајќи ги гредите во своето. Фактите се неспорни. Бугарија е осудена 13 пати во Стразбур за тоа што ги дискриминира Македонците, додека Македонија е осудена само еднаш за дискриминација на Бугари.
Ја повикуваме Бугарија како членка на ЕУ да ѝ даде пример на Македонија откако самата ќе ги примени европските принципи, да почне да ги почитува правата на Македонците во Бугарија, да го запре говорот на омраза и да даде пример за добрососедство откажувајќи се од сите услови кои не се дел од нормалните услови за европска интеграција, како и од намерата да ја злоупотреби својата позиција на земја членка.Да ѝ стави крај на политиката на негирање, дискриминирање и асимилирање на Македонците – последната тоталитарна политика во европскиот сојуз.
Го повикуваме европскиот сојуз и секоја држава членка да ја вразумат Владата на Бугарија и да не ѝ дозволуваат да ја срамоти ЕУ со апсурдните услови што ги поставува и да побараат од неа – самата да ги исполни условите задолжителни за секоја една европска членка.Ние нема да престанеме да постоиме само затоа што на некого во Софија многу му се сака и му се верува дека не треба да не има“, се вели во писмото чии потписници се ОМО „Илинден“-ПИРИН, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор, Граѓанско друштво за заштита на основни индивидуални човекови права, Македонски дискусионен клуб за етничка толерантност, Правозаштитен комитет Толерантност, весникот „Народна волја“ и билтенот „Македонски глас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Дијаспора
Османи однесе втора, мобилна, станица за пасоши во Берн, Швајцарија
Во продолжение на серијата посети на дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија со значително зголемен обем на конзуларна работа, денеска, министерот за надворешни работи Бујар Османи престојува во Амбасадата во Берн, Швајцарија.
Во оваа Амбасада покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку базната станица се врши фотографирање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи, а од денес паралелно со базната станица се става во функција и дополнителна мобилна станица.
“Дојдов овде за да ги охрабрам дипломатите кои им служат на околу 300 наши државјани дневно, но и да гледам како тече процесот на издавање на нови патни исправи. Донесов уште една мобилна станица за фотографирање, што значи дека и овде во Берн работиме со два пункта паралелно, што значи два тима паралелно фотографираат и врачуваат нови патни исправи” истакна Османи.
Амбасадата во Берн e една од најоповарените амбасади во Европа во кои има базна станица. Како и во нашите дипломатско-конзуларни претставништва во Брисел, Бон и Берлин, и Амбасадата во Берн ја реаорганизираше својата работа во конзуларниот дел со цел да се скрати времето на давање услуги и нашите граѓани во најбрз можен рок да се снабдат со документи за патување.
“Предизвиците продолжуваат секаде поради вонредната ситуација. Олеснувачки фактор претставува одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи. Како и да е, сме се реорганизирале со дополнителни дипломати, работа во две смени и работа за време на викенд”, заклучи Министерот.
Од Швајцарија, Османи продолжува за претставништвото во Венеција, со цел запознавање од блиску со ситуацијата и спроведување на реорганизацијата за да им се излезе во пресрет на интересите на нашите државјани во Италија.
Дијаспора
За две години 85.000 македонски граѓани се иселиле во Германија со што Македонија загубила 4,6 отсто од населението
Истражувањето на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“ покажува дека во Германија живеат 222.000 луѓе од Македонија. Истражувањето се повикува на последниот попис на населението во Германија (од 2022). Од оваа бројка, 158.000 биле родени во Македонија, се вели во истражувањето.
„Од 2020 до 2022 година, бројот на граѓани со потекло од Северна Македонија е зголемен за 44 отсто, од 154.000 на 222.000. Околу 32.000 граѓани на Северна Македонија заминале во Германија во 2021 година, а уште 53.000 во 2022 година“, се вели во истражувањето.
Така, за само две години, 85.000 македонски граѓани заминале во Германија, односно земјата за две години изгубила 4,6 отсто од резидентното население поради масовното иселување во Германија. оценува ИПП „Арбен Џафери“.
Дијаспора
МНР ги охрабрува Македонците во Албанија да се попишат како Македонци
Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели, Министерството за надворешни работи ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија, се вели во соопштението од МНР.
Од македонското МНР велат дека „Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство“.
Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави, велат од МНР.
Северна Македонија и Албанија се земји со исклучителни пријателски односи. Министерството за надворешни работи и институциите на Република Северна Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.