Свет
(Видео) Со автомобили се тркале низ англиски град и усмртиле мајка на пет деца

Две момчиња се осудени на затвор, поради диво возење во Виган, Англија и причинета сообраќајна несреќа во која загинала мајка на пет деца, додека нејзиниот сопруг и две девојчиња се повредени.
Џозеф Повнал (27) со своето возило го бркал 21-годишниот Левис Фишер, возејќи 110 километри на час во област каде што максимално дозволената брзина била 50 километри на час. Во еден момент Повнал со својот „мерцедес“ налетал на автомобил „поло“ во кој биле 34-годишната Џоана Колинџ, нејзиниот сопруг и нивните две ќерки, при што се случил тежок судир, пренесе „Вечерњи.хр“.
Џоана починала во болница поради сериозноста на повредите, сопругот се здобил со скршеници на градниот кош, ребрата и подлактиците, а повредени се и нивните две ќерки.
Повнал е осуден на 12 години затвор, додека Фишер на 11 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел најави проширување на офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа

Израелската армија ќе ја прошири офанзивата на најголемиот дел од Појасот Газа, најави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Наскоро операциите на израелските одбранбени сили ќе се интензивираат и ќе се прошират во други зони во поголемиот дел на Газа, а вие треба да ги евакуирате борбените зони“, рече Кац во пораката до палестинското население.
Кац денеска објави дека израелската армија ја завршила контролата врз „клучната оска Мораг“ меѓу градовите Рафах и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Свет
Во Оман започнаа посредничките преговори меѓу Иран и САД

Иран и САД, кои немаат дипломатски односи од 1980 година, денеска започнаа ретки „индиректни“ преговори во Оман, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
Разговорите меѓу министерот за надворешни работи на Иран Абас Рагши и претставникот на американскиот претседател Стив Виткоф „почнаа благодарение на посредништвото на министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал-Бусаиди“, изјави Есмаил Багаи на социјалната мрежа Х.
Портпаролот рече дека преговорите ќе се одржат на местото што го планира оманскиот домаќин, дека претставниците на Иран и САД ќе седнат во салите и ќе си ги пренесат своите ставови преку министерот за надворешни работи на Оман.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши им рече на иранските новинари дека „ако има доволно волја од двете страни, ќе одлучиме за календарот, но се уште е рано да се зборува за тоа“.
„Сега е јасно дека преговорите се индиректни и според нас само за прашањето за иранската нуклеарна програма и ќе се водат со желба да се постигне договор кој е еднаков и води кон обезбедување на националните интереси на иранскиот народ“, рече Арагши.
Американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Виткоф овие преговори ги нарекоа „директни“.
Не се очекува веднаш да има генерален договор, но влогот е многу голем за двете земји кои се непријателски речиси половина век, пишува агенцијата АП.
Трамп постојано предупредуваше дека би можел да нареди бомбардирање на нуклеарни постројки во Иран доколку не се постигне договор, а иранските власти предупредија дека може да започне со изградба на нуклеарно оружје од залихите на ураниум.
Свет
(Фото) Откажани стотици летови и затворени јавни паркови во Кина поради силните ветрови и заканата од песочна бура

Пекинг откажа стотици летови и ги затвори јавните паркови поради силните ветрови и заканата од песочни бури.
Некои делови од земјата ги забележаа своите најмоќни ветрови во последниве 75 години, со брзина до 148 км на час.
Невремето собори стотици дрвја, коштетени се автомобили и постари домови низ главниот град на Кина.
Двата огромни меѓународни аеродроми, Пекинг Капитал и Даксинг, откажаа 693 летови до 14 часот по локално време, со предупредувања за лоши временски услови на патот, особено во северниот дел на земјата и покрај крајбрежните области.
Повеќе летови и возови беа откажани во другите делови на Кина.
Откажани се и фудбалските натпревари и другите настани на отворено.