Култура
Неделата на италијанскиот јазик ќе се одбележи со проекции на филмови и театарски претстави
Вечерва во 19:30 часот во Националната Кинотека , ќе се одржи официјалната свечена инаугурација на XIX издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот поддржана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и промовирана од италијанските Амбасади низ светот.
Темата на овогодинешното издание е „Италијанскиот јазик на сцената“ и предвидува проекции на филмови, театарски претстави, музика и поетски читања, во кои италијанскиот јазик не е само комуникациско средство, туку и средство на пренос на културата. Првиот настан, вечерва, ќе биде проекцијата на ремек-делото на италијанскиот нем филм Кабирија, колосалниот проект во бои, чие сценарио го напиша познатиот италијански писател Габриеле Д’Анунцио . Проекцијата ќе биде придружена на пијано од Маестро Марио Мариани. Се работи за премиерна проекција на овој филм во Северна Македонија.
Бројни се настаните на XIX Недела на италијанскиот јазик организирани од Амбасадата на Италија во Скопје во соработка со други институции и здруженија, кои сведочат за големиот интерес за италијанската култура и јазик. Во текот на изминатите денови (17 и 18 октомври), Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организираше две конференции на професорот по италијанска лингвистика на Универзитетот во Џенова, Лоренцо Ковери, на тема „Патување низ италијанскиот јазик на музиката од Неапол до Санремо, од сцената до светот“, едно долго и интересно патување низ употребата на италијанскиот јазик во песните на првите години на 20 век па сè до денес.
Денес, во 12 часот, во Националната Универзитетска Библиотека „Св Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи презентацијата на проектот „Дигитална италијанска библиотека во Северна Македонија“, плод на синергијата меѓу Библиотеката во Скопје и Централната Национална Библиотека во Рим (ќе биде присутен и Директорот на Библиотеката, Андреа Де Пасквале) во соработка со Институтот Данте Алигери во Скопје. Вечерта на 22 октомври ќе биде посветена на театарот, со посебен омаж кон македонскиот драматург Горан Стефановски.
Неговите текстови, за прв пат преведени на италијански јазик од ќерката на авторот, Ана Стефановска и од режисерот Лука Кортина, ќе ги рецитира актерката Христина Цветаноска во галеријата „Даут пашин амам“. Што се однесува на италијанската музика, во четврток на 24 октомври, во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) ќе се одржи вечерта посветена на познатиот италијански кантавтор Фабрицио Де Андре, одбележувајќи 20 години од неговата смрт. Професорката Љиљана Узуновиќ од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ ќе се осврне на ликот и делото на музичарот, а во продолжение музичката група Бона Деа ќе изведе неколку негови познати песни . На 25 октомври ќе се одржи концертот “Да пееме на италијански“ приреден од студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа, додека пак вечерта, во просториите на МКЦ, ќе се одржи поетско читање – во присуство на авторот – на стихови од збирката „Зборот на непријателот“ на Лука Бенаси.
Од 20 до 28 октомври во Националната Кинотека на Северна Македонија ќе се прикажува и интересната кинематографска ревија „Реставрирани италијански филмови“, една низа познати филмови на најголемите италијански режисери, во соработка со Националната Кинотека во Рим. И најпосле, ќе бидат бројни активностите организирани од Македонското здружение на професори по италијански јазик во соработка со голем број македонски училишта (не само во Скопје) каде се изучува италијанскиот јазик. Дополнителни информации за програмата на Неделата на италијанскиот јазик во светот може да се најдат на официјалната интернет страна на Амбасадата на Италија во Скопје (www.ambskopje.esteri.it), на нејзината Фејсбук страна, како и на профилот на Твитер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.

