Црна хроника
Над 180 казни за возачи во Скопје за брзо возење, алкохол и други прекршоци

Одделението за безбедност на сообраќајот при СВР Скопје вчера во периодот од 06.00 до 24.00 часот спроведе акциска контрола за откривање на возачи кои ја пречекориле брзината на движење со моторно возило на подрачјето на Скопје. Притоа, санкционирани се 34 возачи кои ја пречекориле брзината. Откриени се и 42 останати прекршоци, за кои се издадени 16 мандатни платни налози и 26 прекршочни платни налози.
Исто така, вчера од 22.00 часот до 05.00 часот утрово беше спроведена акциска контрола за откривање на возачи кои управувале со возило под дејство на алкохол на подрачјето на Скопје. Притоа, санкционирани се 19 возачи кај кои било утврдено присуство на алкохол. Откриени се и 13 останати прекршоци, за кои се издадени пет мандатни платни налози и осум прекршочни платни налози.
Вчера од 14.00 до 24.00 часот санкционирани се и пет возачи на мотори за сторени прекршоци, а откриени се и 68 останати прекршоци за кои се издадени 46 мандатни и 22 прекршочни платни налози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Жител на Кочани пронајден мртов во Љубљана, од МНР велат дека случајот го истражува полицијата

До македонската амбасада во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани, соопшти Министерството за надворешни работи.
Од таму велат дека согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката“, велат од МНР.
Словенечки медиуми објавија дека 38-годишен маж од Северна Македонија починал во центарот на Љубљана и дека причината за смртта сè уште не е разјаснета.
Словенечкиот портал 24.ur.com објави дека неговото тело е пронајдено во четвртокот во раните утрински часови, а според неофицијални информации, тој бил претепан до смрт, што полицијата не го потврдила.
„Полициските службеници извршија увид на местото на настанот, наредена е обдукција, а причината за смртта сè уште не е утврдена. Во тек е интензивна кривична истрага. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите наоди“, изјави портпаролката на полицијата.
Полицијата, исто така, не ги потврди наводите дека починатиот маж е пронајден на Метелкова.
Црна хроника
Дрска кражба на мобилен телефон, поведена постапка против сторителот

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишник за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Тешка кражба на дрзок начин, согласно член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 4 октомври во вечерните часови, спроти катна гаража на улицата „Мирче Ацев“ забележал две лица од Валандово додека влегувале во такси возило.
Им пришол од зад грб и насилно им ја отворил вратата, а потоа со клоци го удрил едниот оштетен во нозете, така што на оштетениот му испаднал мобилниот телефон. Осомничениот го одзел телефонот и се дал во бегство, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од околу 6.360 денари.
Поради ризикот од бегство и околностите кои укажуваат на можноста осомничениот да го повторува делото, особено имајќи предвид дека претходно повеќепати е осудуван за кривични дела против имотот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Црна хроника
Две лица од Брвеница осомничени за илегална трговија со кокаин

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца жители на Брвеница, за кои постои сомнение дека биле соизвршители во кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 октомври, околу 2 часот по полноќ, осомничените пренесувале вкупно 110,31 грама наркотична дрога кокаин. Нивниот автомобил БМВ полицијата го забележала на автопатот Тетово-Гостивар, во непосредна близина на клучката за Брвеница, и бидејќи се движеле нестабилно, со цик цак движења, полициските службеници им дале сигнал да застанат. Кога подзапреле, едниот осомничен се обидел од под совозачкото седиште да исфрли ќеса со дрога, но полицајците го спречиле во намерата. Освен дрогата, кај осомничените била пронајдена и дигитална вага со траги од кокаин и поголема сума парични средства, односно 206 000 денари и 1150 евра во различни апоени, кои поради сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога привремено се одземени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово поднесе предлог за определување мерка притвор за едниот осомничен, додека за другиот се предложени мерки на претпазливост.