Свет
(Видео) Путин и Ердоган го објавија планот за Сирија
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, која траеше повеќе од шест часа, соопшти дека нашле решение за ситуацијата на сириско-турската граница. Ердоган изјави дека со Путин постигнал договор курдските борци да се повлечат 30 километри од пограничната област на североистокот на Сирија во рок од 150 часа. Тој додаде дека периодот од 150 часа ќе почне да тече утре напладне.
Двајцата, по состанокот одржан во претседателската канцеларија во рускиот град Сочи, одржаа прес-конференција, на која турскиот претседател изрази очекување дека Уставниот комитет на Сирија ќе го отвори патот за сеопфатна политичка промена во рамките на легитимните и праведните очекувања на Сиријците.
Според Ердоган, на средбата станало збор за состојбата во зоната за деескалација. „Задоволувачки е да видиме дека во оваа фаза во Идлиб е обезбедена релативна смиреност и се забележува намалување на нападите“, рече Ердоган и додаде: „Ние сме земја која во последните осум и пол години прифативме 350.000 курдски и три милиони и 650 илјади сириски браќа. Веќе треба да направиме чекори преку кои ќе се исполни нивниот копнеж за својата татковина“.
Според агенцијата „Анадолија“, тој изјавил дека со Путин постигнале историски договор во насока на осигурување на територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија, како и за враќањето на бегалците.
Путин повторил дека сите странски воени сили мора да ја напуштат Сирија за да се зачува територијалниот интегритет на таа земја, а дека сириската влада и Курдите треба да преговараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прво огласување на кралот Чарлс по апсењето на Ендру
Британскиот крал Чарлс се огласи по апсењето на својот брат и поранешен принц Ендру.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за поранешниот принц Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и правилен процес за соодветно истражување на ова прашање и од страна на надлежните органи. Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безусловна поддршка и соработка. Да бидам јасен: законот мора да си го направи своето. Додека овој процес продолжува, не би било соодветно да коментирам понатаму. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме да ја извршуваме нашата должност и да ви служиме на сите вас. Чарлс Р.“, изјави тој.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.

