Македонија
Бесплатно пријавување, дружење и подароци на „Скопје на точак“
Илјадници велосипеди биле дел од Скопје во 1960-тите години. Според некои податоци, секој втор граѓанин имал велосипед. Овој факт покажува дека велокултурата е значаен дел од нашето општество и затоа под покровителство на Град Скопје и во организација на Сојузот на спортови на Скопје в недела, 3 ноември 2019, со почеток во 11:00 часот ќе се одржи велосипедскиот караван „Скопје на точак“.

Минатата година, на првото издание од овој настан, 1.300 лица се пријавија и излегоа на улиците со порака дека користењето велосипед е добро за здравјето и за заштитата на околината.
Бесплатната регистрација и дополнителните информации може да се најдат на: www.skopjenatocak.mk. Овој велосипедски караван нема натпреварувачки карактер. Се вози со диктирана брзина од 20км/ч, предводен од полицијата и организаторот.
Патеката на движење е: старт – булевар Илинден кај фонтаната Лотос, правец на движење кон Сити мол. Се врти лево по улица Љубљанска и се вози право по ул. Московска до Студентскиот дом Гоце Делчев. Кај домот се врти лево, по улица М. Т. Гологанов и се вози право до католичка црква, се продолжува по М. Т. Гологанов, право по улица Димитрие Чуповски, право по бул. 11 Октомври до семафорите кај Црвен крст каде се врти лево по бул. Кочо Рацин и се вози право преку мостот по бул. Крсте Петков Мисирков. На семафорите кај Мавровка се врти лево и се вози право по бул. Гоце Делчев, преку мостот Гоце Делчев, се приклучува на бул. Илинден и се завршува на стартот, кај фонтаната Лотос во Градски парк.
На лотаријата ќе се доделат неколку подароци, и тоа велосипеди, велосипедска опрема, ракавици, заштитни шлемови. Настанот на „Фејсбук“ може да се најде на:
https://www.facebook.com/events/2188325714799268/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре наутро претежно ведро и студено, преку денот сончево
Утре наутро ќе биде претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.
Македонија
Еден од министрите, секој ден плаче и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, вели Арсовска
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи го повикува Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да постапи по, како што вели, „доказите за криминал“ кои се однесуваат на актуелни случаи поврзани со дивоградби.
„Го повикувам Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да ги оправда тие 2% доверба кои ги има обвинителството кај граѓаните и да постапи по доказите за криминал.
Во спротивно, вели Арсовска, креира опасен преседан.
„Ќе започнеме сите со капитални проекти за градење безбедни дивоградби и обезбедување гратис станови со џабе вода и џабе струја за оние на кои не им е решено станбеното прашање. И нема да смеат да ни писнат, ни да прашаат од кај се парите.
Плус ќе треба да им се извинат на сите кои ги казниле, им срушиле објект или отслужуваат казна за бесправна градба.
Затоа што еден од министрите на Владата, секој ден плаче, лаже, манипулира и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, еве повеќе не ве повикувам да постапите. Ве виде народ, се девалвиравте бидејќи не смеете да му писнете на Висар Ганиу“, пишува Арсовска.
Македонија
„Паркинзи“ на Општина Центар продолжува со акцијата за отстранување на хаварисани возила од јавните површини
Во изминатата година, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ успешно отстрани над 120 хаварисани возила од јавните површини на територијата на oпштина Центар. Со оваа акција, претпријатието продолжува да придонесува кон создавање на почиста, побезбедна и поурбана животна средина за сите граѓани.
„Нашата цел е целосно да го ослободиме Центар од хаварисани возила кои ја нарушуваат урбаната слика и зафаќаат паркинг места и јавни површини. Апелираме до сите сопственици на хаварисани возила да се приклучат кон нашата акција и да ги пријават своите возила за отстранување,“ изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
За повеќе информации или пријава на хаварисано возило, граѓаните можат да контактираат со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ на телефонскиот број: 076 350 767
Преку оваа акција, ЈП ПОЦ бесплатно ги транспортира хаварисаните возила до отпад, а средствата од откупот директно се префрлаат на сметката на сопственикот. На овој начин, секој граѓанин кој ќе се вклучи во акцијата придонесува за поуреден, побезбеден и пофункционален Центар.

