Македонија
Верушевски ја тужи државата
Ексразузнавачот и советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски, ја тужи државата за двата неосновани притвора со кои беше во затвор 11 месеца во 2015 година за случајот „Пуч“ и обвинението за неовластено поседување оружје. Отштетното побарување на Верушевски е 4 милиони и 104 илјади денари или приближно 71 илјада евра.
„Мотивот на оваа правна иницијатива е да се заокружи личната семејна голгота што ми ја наметна државата со конструкција без преседан во историјата на државата. Бев неосновано обвинет за најтешки дела од велепредавство и шпионажа до монструозно обвинение поврзано со педофилија и лична дискредитација“, рече вознемирен Верушевски пред судијката Јехона Садику.
Тој рече дека сите оние што му го скроиле ова се надвор од лицето на правдата алудирајќи на Обвинителството и полицијата.
„Ниту бегството на поранешниот премиер не беше доволно, сите инволвирани во вакви злоупотреби да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече поранешниот разузнавач и дополни дека сака да верува оти ваквите злоупотреби ќе бидат последни.
„Не беше лесно тие денови да се биде пријател на Верушевски. Тортурата на медиумите го докусуруваше секој член на семејството. Медиумите што ја бранеа власта беа немилосрдни“, рече Верушевски, кој во тоа време бил декан на Факултетот за безбедност при Универзитетот ФОН.
Верушевски рече дека независно дали тогашните провладини новинари, како што рече, го промениле рувото, тие засекогаш ќе останат на столбот на срамот.
Верушевски, како што рече неговата адвокатка пред судот, доживеал душевна болка поради неоснованото апсење и држењето во притвор 344 дена за што беше доставен психијатриски наод.
Претставникот од правобранителството рече дека не се противи на барањето на тужителот, туку само на износот.
Изрекувањето на пресудата е закажно на 4 ноември.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го товареше ексразузнавачот за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Верушевски беше во притвор од јануари до крајот на декември 2015 година. СЈО го повлече обвинението за случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

