Македонија
(Видео) Јаревски: Истекува мандатот на Богоев, а ќе остане мистерија каде годишно исчезнуваат 10-ина милиони евра од буџетот

Во тек е претпоследната година од мандатот на Стефан Богоев и СДСМ како раководат со општина Карпош. Досега веќе на сите им е јасно дека нема ништо од трите ветени базени во училиштата, нема ништо од инфраструктурните проекти, ги нема ветените пешачки зони ниту, пак, велосипедски патеки, нема нов парк на кејот, нема ништо и од помпезно најавениот пензионерски со Сојузот на Боки 13, обвини Тони Јаревски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош.
„Но затоа добивме шуга и мрса во училиштата, нехигиена насекаде, запалени депонии, исушени дрвја и паркови, пукотници на булеварите, разбојништва и кражби во домовите, физички пресметки и закани во нефункционални училишни одбори, сомнителни урбанистички планови, уништена урбана опрема, неодржувани детски игралишта, слободно паркинг-место како невозможна мисија и токсичен воздух за 4 сезони.
Ќе остане мистерија каде исчезнуваат 10-ина милиони евра од буџетот годишно во услови кога Општина Карпош функционира како невладина организација надевајќи се на некое грантче или донација.
Ќе остане мистерија и фактот што е одлуката за милионската помош на спортскиот клуб, кој, наместо развој и напредок, го однесе во последната фудбалска лига. Ќе остане мистерија и како Карпошовото културно лето се сведе на дводневен настан. Можеби најголемата мистерија од овој мандат ќе остане како ли само успеаја да засадат речиси 300 скапи повеќегодишни дрвја и повеќето од нив да ги исушат и угинат за само неколку месеци. Ваква состојба за Карпош е неприфатлива. Карпошани заслужуваат многу повеќе“, порача Јаревски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.
Македонија
Попладне пороен дожд и грмежи во западните делови, најавија метеоролозите

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне, претежно во западните региони ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, јавува УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 33 степени.
Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.