Македонија
Орден на честа за наука и уметност за ректорот Јанкуловски од Австрија

Амбасадата на Република Австрија во нашата земја на свеченоста организирана по повод националниот празник, кој се одржа на 24 октомври, оваа година во Македонската опера и балет, на проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, му додели медал, односно највисокото признание – Крст на честа за наука и уметност, прва класа.
Овој медал австриската влада му го додели на проф. Јанкуловски за неговите заслуги и големиот придонес за утврдување нова и унапредување на постојната образовна и научноистражувачка работа помеѓу УКИМ и австриските високообразовни и научноистражувачки институции.
Заложбите на Јанкуловски за развивање и унапредување на оваа соработка почнале за време на неговите два мандата како декан на Медицинскиот факултет при УКИМ и се интензивирале за време на неговиот мандат како актуелен ректор на УКИМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Табановце се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Со 130 илјади евра ќе се спасува инвестицијата на Калето од 4,6 милиони евра: од 2026 музеите ќе бидат пуштени во употреба

Стотина сезонски работници од општините Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Гази Баба утрово ја искосија тревата и ги скастрија грмушките, кои скопското Кале изминативе години го претворија во џунгла. Денешната акција е подготовка за активностите што допрва ќе следуваат за обнова на двата музеја и нивно пуштање во употреба во 2026 година. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков утрово објасни дека морале да бараат помош од ЗЕЛС за косење на тревата оти не наишле на соработка во Град Скопје и во Јавното претпријатие „Паркови зеленило“.

Сезонски работници од општините Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром и Гази Баба утрово ја искосија тревата и ги скастрија грмушките на Калето
„Во последните десетина години скопското Кале, симболот на нашата култура, традиција, историја, беше девастирано, обраснато со вегетација и не му се посветуваше никакво внимание. Ние како Министерство за култура и туризам и Управата за заштита на културното наследство испративме неколку дописи до Град Скопје и до ’Паркови и зеленило’ за да помогнат во процесот на чистење на скопското Кале, но не добивме никаков одговор. Затоа веднаш реагиравме до ЗЕЛС. Сакам да му се заблагодарам на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и на сите градоначалници, кои се денес присутни овде бидејќи ја прифатија иницијативата и се реагира во истиот момент“, рече министерот Љутков.

Уредувањето на зеленилото е подготовка за градежните активности за обнова на двата музеја на Кале
Пред неколку месеци министерот Љутков и директорката на Управата за културно наследство направиле увид на Калето и утврдиле дека е неопходно да се обноват и двата музеја.
„Двата музеја се во многу лоша ситуација, ќе треба комплетно обновување на целата механизација внатре што ја има и на климатизацијата. Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме осум милиони денари, кои ќе бидат искористени до крајот на годината. Веднаш ќе пристапиме кон распишување јавна набавка за поправка на овие простори, а подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект, кој ќе треба веќе од 2026 година да биде пуштен во употреба. Целта е 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата, овој простор да биде еден од најискористените“, најави министерот Љутков.

Министерстовото и Управата за култруно наследство барале од Град Скопје да ја искоси тревата, но не наишле на соработка, па затоа се обратиле во ЗЕЛС
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, рече дека документацијата за обнова на двата музеја е подготвена и уверува дека до крајот на годината ќе завршат со активностите.
„Управата за заштита на културното наследство како инвеститор на овие два музеја, кои треба да почнат со градежни активности, со пари од ребалансот ја спреми техничката спецификација и во наредниот период чекаме да се објави во Службен весник ребалансот и ќе го распишеме тендерот за да може да се влезе и да се почне со работа. Управата за заштита на културно наследство до крајот на годината ќе успее да ги заврши овие два инфраструктурни проекти и ќе ги стави во функција“, вели директорката Честоева.

Во последниве десетина години скопското Кале, симболот на нашата култура, традиција, историја, беше девастиран, обраснат со вегетација и не му се посветуваше никакво внимание, рече министерот Љутков
Претседателот на ЗЕЛС, градоначалник на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, утрово од Калето вети дека по изборите сите културни споменици кои се симбол на градот ќе имаат посебен третман. „Еден од најважните културни симболи на градот Скопје е токму скопското Кале. За жал ете десетина години е во состојба во каква што се наоѓа и практично преку состојбата на скопското Кале можеме да ја видиме состојбата генерално во градот Скопје. Од друга страна, пак, тоа говори како ние си ја третираме историјата. Историјата не треба да се третира и да се помага во тој дел на ’Фејсбук’ пишувајќи статуси, ниту пак водејќи дебати за тоа туку преку практични примери како треба да си го сочуваме она што е наше наследство, но и симбол на градот. Мене искрено ми е жал за состојбата во која се наоѓа не само овој објект овде туку и многу други објекти. Ова треба да биде континуиран процес и активности кои што не треба да се случуваат под капата на медиумите, а се случуваат во моментов, за жал. Но, после локалните избори и Калето и сите други објекти во градот Скопје кои се историски симбол на градот ќе маат посебен третман“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Од 2008 година до 2014 година за уредувањето на Калето беа потрошени околу 4,6 милиони евра
За уредувањето на Калето, кое сега со околу 130.000 евра треба да се поправи и стави во функција, од државниот буџет во периодот од 2008 година до 2014 година беа потрошени околу 4,6 милиони евра. Двата музеја беа комплетно направени, но останаа затворени, а третиот музеј, пак, познат како „црква-музеј“ остана недограден по инцидентите од 2011 година иако само за него, според јавно достапните податоци, се потрошени околу 1,7 милион евра.
Македонија
Африм Гаши излезе од болница

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по два дена, е отпуштен од болница во добра и стабилна состојба, информира Собранието.
„Во врска со загриженоста за здравствената состојба на претседателот на Собранието, г. Африм Гаши, ја информираме јавноста дека по краткиот дводневен престој на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и по спроведувањето на сите потребни медицински прегледи, здравствената состојба на претседателот е добра и стабилна. Денес, г. Гаши е отпуштен од болница и ќе продолжи со своите институционални активности во согласност со медицинските препораки“, соопшти Собранието.
Кабинетот на претседателот на Собранието изразува посебна благодарност до директорот на Клиниката, проф. д-р Огнен Костовски, тимот лекари и целиот здравствен персонал за професионализмот, грижата и за посветеноста покажани за време на лекувањето.