Македонија
(Видео) Јанушев: Упатуваме јавен повик за учество во изработката на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори
Граѓаните се гневни и разочарани од оваа власт. Граѓаните едвај чекаат оваа расипничка и ненародна власт да замине за да си ја вратат државата и да почне да се решаваат нивните маки. Активностите во рамките на „Разговори за обнова на Македонија“ покажаа дека граѓаните не гледаат и не очекуваат никакви решенија од Зоран Заев, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Над 40.000 граѓани, разочарани од криминалот, корупцијата и неспособноста на Владата на Заев, се обратија во рамките на акцијата посочувајќи ги проблемите, но и нудејќи идеи и проекти. Огромното мнозинство граѓани бараат обнова на Македонија. Тие не сакаат да гледаат како Македонија под власт на Заев се уназадува и тоне во бесперспективност на секое поле. Граѓаните знаат дека ветувањата на Заев се обични лаги. Најавените реформи се претворија во милионски тендери за семејните фирми, а подобриот стандард на обичниот човек се претвори во торби ‘луј витон’ за кои сè ште се крие каде завршуваа.
Оттука, а охрабрени од големата поддршка на акцијата „Разговори за обнова на Македонија“, ве известуваме дека ВМРО-ДПМНЕ од денес упатува јавен повик за учество во изработката на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори до сите невладини организации, здруженија на граѓани, синдикати, стопански и други комори и други заинтересирани субјекти да се вклучат во нејзината изработка.
Ги повикуваме сите заинтересирани своите проблеми, согледувања, предлози и идеи да ги достават на имејл-адресата [email protected] најдоцна до 30.11.2019 година. Испратените материјали ќе бидат разгледани од страна на тимот на ВМРО-ДПМНЕ, кој работи на изготвување на програмата, предводен од проф. д-р Трајко Славевски по што ќе стапиме во контакт со сите заинтересирани субјекти и ќе договориме средби и начин за понатамошна соработка. Очекуваме оваа нова алатка на комуникација да даде нов и квалитативен придонес во рамките на нашата акција и подготвувањето на изборната програма. Ние сме убедени дека граѓаните и сите фактори во државата кои и сакаат подобра иднина на Македонија, ќе се вклучат и ќе помогнат во изготвување на победничката изборна програма, која без сомнение ќе биде темелот на кој принципиелно ќе се гради идната владина програма.
Како што истекува времето на оваа криминално-рекетарска банда на власт предводена од Заев, така истекува и времето на неговите лажни ветувања, погрешни политики и катастрофални последици. Доаѓа времето на обновата, која Заев ќе го прати во историјата и ќе донесе нов поттик на развојот и напредокот на Република Македонија.
Европската иднина може да се обезбеди само со многу труд, работа, посветеност и обнова, кои ќе им донесат благосостојба на граѓаните на Република Македонија. Заев заминува заедно со куферите „луј витон“, заедно со сомнителните тендери, заедно со принципот евро за Вицето. Доаѓа времето на прогресот, кој заедно со граѓаните и нивните идеи ќе го обезбедат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.

