Свет
Макрон го осуди нападот во џамијата во кој беа ранети две лица

Францускиот претседател, Емануел Макрон, го осуди вчерашниот напад во џамијата во Франција, во кој беа ранети две лица.
„Остро го осудувам ужасниот напад пред џамијата во Бејон. Моите мисли се со жртвите. Република Франција никогаш нема да толерира омраза. Ќе биде направено сè за да бидат казнети осомничените, а муслиманските граѓани да бидат заштитени“, напиша Макрон на „Твитер“.
Француските медиуми пренесуваат дека нападот го извел Клод Синк, кој на регионалните избори во 2015 година бил кандидат пред партијата на екстремната десница Национален фронт на Мари Ле Пен.
Маж на 84-годишна возраст беше уапсен кога вчера пукаше и рани две лица во џамија во јужна Франција. Локалните медиуми наведуваат дека напаѓачот, инаку поранешен војник, пукал во луѓе внатре во џамијата. Ранил двајца повозрасни мажи, кои итно биле пренесени во болница.
Напаѓачот, кој сè уште не е идентификуван, е уапсен во неговиот дом. Медиумите додаваат дека полицијата таму нашла пиштол и бомби. Во тек е истрага за инцидентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руте: САД предолго носеа премногу од товарот, тоа се менува денес

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, му рече на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека неговиот притисок довел до историска промена во одбранбената политика на алијансата.
Зборувајќи на самитот на НАТО во Хаг, Руте нагласи дека за време на состанокот ќе бидат донесени „историски и трансформативни одлуки“ што ќе ја направат алијансата „посилна, пофер и посмртоносна“.
„Нашата континуирана посветеност на Член 5, кој гарантира дека нападот врз една членка е напад врз сите, испраќа силна порака“, им рече Руте на светските лидери.
Тој рече дека клучната промена ќе биде зголемување на трошоците за одбрана на земјите-членки на 5% од БДП. Потоа му се обрати на Трамп, кој седеше директно до него.
„Соединетите Американски Држави предолго носеа премногу од товарот. Тоа се менува денес“, рече Руте.
„Драг Доналд, ти ја овозможи оваа промена. Твоето лидерство по ова прашање веќе доведе до дополнителни 1 трилион долари трошоци за одбрана од страна на европските сојузници од 2016 година“, додаде тој.
Трамп, кој со години ги критикува европските членки дека не инвестираат доволно во одбраната, треба да биде задоволен од изјавата на Руте. Зголемувањето на воените трошоци е клучно прашање на неговата агенда за надворешна политика.
Свет
Трамп: Ако не ги уништeвме нуклеарните комплекси на Иран, тие никогаш немаше да се согласат на мир

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на прес-конференција за време на самитот на НАТО во Хаг изјави дека американските воздушни напади врз нуклеарните објекти на Иран ја уништија иранската програма и де факто ја завршија војната.
„Мислам дека ги вративме со децении назад. Поминаа низ пекол… Последното нешто што сега го сакаат е повторно да збогатуваат“, рече Трамп, додавајќи: „Тој удар ја запре војната“.
Трамп повторно ги бранеше своите тврдења дека тоа е целосно уништување на капацитетите на Иран.
„Ако нивните локации не беа уништени, Техеран немаше да се согласи на примирје“, рече тој. За конфликтот меѓу Израел и Иран, тој рече: „Како две деца на училишно игралиште – ги оставате да се борат две или три минути, а потоа лесно ги разделувате“.
Трамп беше поддржан и од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој го нарече нападот „импресивен“ и рече: „САД ги уништија нуклеарните капацитети на Иран. Тој напад испраќа порака за сила до светот“.
Трамп го искористи обраќањето за повторно да ги нападне американските медиуми за известување за протекувањето на класифицирани информации. Тој конкретно ги критикуваше CNN и New York Times, опишувајќи ги како „ѓубриња“. Бранејќи ја употребата на терминот „уништување“ за да се опише штетата на иранските локации, тој рече дека тоа е „силен збор“, но дека и Израел го употребил.
Тој исто така откри дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кој му понудил помош со Иран. „Му реков: помогнете ни со Русија, а не со Иран“, рече Трамп.
Зборувајќи за Газа, Трамп потврди дека американската администрација е блиску до постигнување договор и дека нападите врз Иран дополнително го забрзале тој процес. „Веќе бевме многу блиску до договор за Газа. Мислам дека ова помогна“, заклучи тој.
Свет
Поранешен функционер на Пентагон: Протекувањето на информации за нападите врз Иран е опасно, можни се уште напади

Поранешниот функционер на Пентагон, Мик Малрој, изјави за Би-Би-Си дека протекувањето на доверлив извештај за штетата врз нуклеарната програма на Иран е „опасно“ и никогаш не требало да биде објавено.
„Овој вид информации никогаш не требало да бидат објавени. Ги става во опасност човечките извори – тие би можеле да бидат убиени ако бидат откриени“, предупреди Малрој, кој служеше во првата администрација на Трамп.
Тој, исто така, го доведе во прашање несовпаѓањето помеѓу претходните проценки, според кои нападите би ја вратиле нуклеарната програма на Иран за неколку години, и најновиот извештај, кој сугерира само ограничена штета.
„Или погрешиле претходно или погрешиле сега – не можете да ги имате и двете“, рече тој, додавајќи: „Белата куќа го користи зборот „уништено“ и разузнавачкиот извештај е многу помалку сигурен за тоа.“
На прашањето дали САД завршиле со нападите врз Иран, Малрој одговори: „Иран не смее да има нуклеарно оружје. Можни се дополнителни напади за да се осигура дека никогаш нема да развијат такво.“