Македонија
(Видео) Заев во посета на реновираниот дел од Клиниката за гастроентерохепатологија
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, во придружба на директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева-Старделова, го посетија реновираниот дел на Клиниката во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
При обиколката на третиот кат од Клиниката, со чие реновирање се подобрени условите за обезбедување современ и модерен пристап до здравствената заштита на пациентите и се обезбедени подобри услови за работа на медицинскиот персонал, премиерот Заев им се заблагодари на донаторите, кои, покрај Фондот за здравство, учествуваа во комплетирањето на обновата на оваа Клиника.
„Следуваат уште реновирања на 30-34 здравствени установи во државата во редовната годишна програма. Драго ми е што постојано ги унапредуваме и опремите. На последната седница определивме 10 милиони денари за Клиниката за онкологија за да се набават дополнителни опреми, ги осовременуваме системите за нега и грижа на нашите граѓани затоа што навистина сите сме потенцијални пациенти кога има потреба од здравствениот систем“, истакна премиерот Заев поздравувајќи ги присутните медицински работници, меѓу кои беа и директорите на Фондот, Ден Дончев и Орхан Рамадани.
Потенцирајќи дека нема поважна работа од здравството и дека здравјето на граѓаните е од најголема важност, премиерот Заев информира дека Владата ќе продолжи со зголемување на буџетските средства на Фондот за здравство и на Министерството за здравство, како и со зголемување на платите на специјалистите, медицинските сестри и другите здравствени работници како дополнителна мотивација на здравствените работници покрај досегашните зголемувања на специјалистите од 15 проценти и 10 проценти на медицинските сестри.
„Платите, т.е. вкупните примања на специјалистите се во висина од 100.000 денари. Ако правиме споредба пред две години, тие тогаш беа 40-ина илјади денари“, рече премиерот Заев додавајќи дека сите мерки се со една конечна цел – пациентите да имаат подобри услови за лекување, но и да се задржат лекарите, медицинските сестри и болничкиот персонал дома, да живеат во својата земја и тука да ја градат својата иднина.
Министерот за здравство, Венко Филипче, се осврна на Програмата за зајакнување на здравствениот систем информирајќи дека одделот на кој денеска се врши обиколка е еден од дванаесетината оддели што се целосно реновирани и каде што се обезбедени одлични услови за лекување на пациентите и за работа на персоналот.

„Продолжуваме и со другите мерки, конкретно на Клиниката за гастроентерохепатологија, во периодот што следува, за 20-ина пациенти што имаат сериозни заболувања, ќе биде обезбедена биолошка терапија во рамките на групната набавка што ја спроведе Министерството за здравство, благодарение на која во нашата земја се донесоа над 30 молекули, кои досега не им беа на располагање на нашите пациенти. Добар дел од нив за оваа терапија се упатуваше во странство“, најави министерот Филипче.
Тој информира и за продолжување на зајакнувањето на персоналните капацитети, каде што веќе се издадени повеќе од 5.000 согласности за вработување во период од две години, од кои добар дел од нив веќе е реализиран.
„Кога ми беше дадена можноста да бидам директор на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, мојата желба беше да ги подобрам условите како за пациентите што доаѓаат секој ден така и за колегите. Да ни биде драго што одиме на работа. Ја многу сум им благодарна, заедно со моите колеги, на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, на Министерството за здравство и на Владата кои со своите програми ни овозможија, со доделување одреден буџет, овој оддел да го реновираме од корен“, истакна директорката Клиниката за гастроентерохепатологија, Калина Гривчева-Старделова, додавајќи дека сега пациентите ќе ја добијат вистинска соодветна нега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ФЗО: Породилното може да доцни поради доцнење на пријава или исплата на плати кај работодавачот
Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, велат од Фондот за здравствено осигурување во врска со изјавите на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена.
„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.
Од Фондот појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но има исплати и потоа до крај на месецот.
„Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Од таму уверуваат дека буџет за надоместоци има, и доказ за тоа е дека заклучно во месец октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети на породилно отсуство.
За споредба, се наведува во соопштението, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“, велат од ФЗО.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.

