Македонија
Почнува јавната расправа за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик
По серијата одржани подготвителни состаноци и седници, на кои се разговараше за унапредувањето на состојбата на македонскиот јазик и македонистиката, Советот за македонски јазик, стручно тело при Владата, чиј претседател е Људмил Спасов, почнува јавна расправа за консултации за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Во предложениот закон, соопштија од Владата, се предвидува задолжително ангажирање или вработување лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата на Република Северна Македонија, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други фактори во општествениот живот во земјата, како во државниот така и во приватниот сектор.
Со предлог-законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високошколски образовни установи во два семестра, што не беше практика досега. Првпат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.
Во согласност со измените на предложениот закон предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен досега. Ова особено се однесува на соседните држави на Република Северна Македонија, како Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција.
Исто така, во новиот закон се предлага македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите на Република Северна Македонија во странство како одговор на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората.
Нацртот на новиот закон за употребата на македонскиот јазик има цел не само издигнување и зацврстување на употребата на македонскиот јазик на сите рамништа туку има и функција на привлекување на сите граѓани на кои македонскиот јазик не им е мајчин. И во таа смисла е во согласност со Законот за употреба на јазиците.
„Новиот закон е во насока на нашиот јазик за евро-атлантските интеграции и за неговата службена употреба во овие институции и во насока на спротивставување на сите напади и негирања однатре и однадвор, на кои, за жал, сме сведоци и во 21 век и на почвата на Европа. Со ставањето на новиот закон на широка расправа пред јавноста, Советот за македонски јазик при Владата на Република Северна Македонија апелира за обединување и здружување во афирмацијата на македонскиот јазик во земјата и странство кај сите граѓани на државата“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар две деца и нивната мајка останаа заробени во домот поради поплавите
Поради непрестајните врнежи и излевањето на реките, западниот дел на Македонија се наоѓа во вонредна состојба. Во Кичево, стотици семејства беа евакуирани додека водата ја проголта улицата „Прилепска“ и зафати делови од болницата. Во Гостивар, две деца и нивната мајка останаа заробени во домот, опкружени со бучавата на дивата вода, додека спасувачките екипи брзаа да стигнат навреме. Во Тетово и Скопје, поплавените патишта и подруми создадоа хаос, а надлежните апелираат на внимателност и трпение додека траат интервенциите.
Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените.
– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати – изјавија од Општина Кичево.
Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.
Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен.
Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.
Македонија
Десет возачи лишени од слобода за возење без дозвола, со забрана и под алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата вчера лишија од слобода десет возачи, од кои осуммина поради возење без возачка дозвола, двајца поради управување со возило со активна мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и еден поради возење под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека двајца возачи се лишени од слобода во Тетово, а по еден во Куманово, Битола, Свети Николе, Штип и Кочани поради управување возило без возачка дозвола. По еден возач во Велес и Свети Николе управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во гевгелиско управувал возило под дејство на алкохол, се наведува во соопштението.
Додаваат дека лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесат за побезбеден сообраќај.
Македонија
Обилните врнежи предизвикаа поплави во повеќе региони, во Кичево евакуирани околу 180 лица
Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд заклучно со 12:30 часот, при што се регистрирани поплави и свлечишта во повеќе региони во државата.
Во кичевскиот регион, во текот на ноќта, обилните врнежи предизвикале излевање на Зајашка Река на улицата „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Евакуирани се околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржал состанок во Општина Кичево, по што била организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во скопскиот регион, во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворни места во селото Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во селото Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во селото Зелениково (Општина Зелениково), како и поплавено дворно место во населбата Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскиот регион, преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во гостиварскиот регион пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во селото Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, за што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.

