Регион
Бугарија протера руски дипломат обвинет за шпионажа
Бугарија протера руски допломат кого претходно бугарското Јавно обвинителство го обвини за шпионажа, пренесува „Еурактив“. Рускиот државјанин работел како прв секретар во руската амбасада во Софија.
„Бугарската страна изрази желба вработениот во амбасадата да биде отповикан в понеделник до крајот на денот. Дипломатот, наводно, веќе ја напуштил Бугарија“, соопшти бугарското МНР.
Претходно, во понеделникот, бугарското Обвинителство соопшти дека почнало кривична постапка против рускиот дипломат. Во исто време случајот беше стопиран бидејќи засегнатото лице ужива дипломатски имунитет.
„Специјалното обвинителство почна постапка за кривично дело против републиката извршено од странски државјанин. Од септември 2018 година странскиот државјанин собирал информации што претставуваат државна тајна во врска со интересите на Бугарија, Европската Унија и НАТО за нивно пренесување во странска земја“, се вели во соопштението.
Руската амбасада во Бугарија се воздржа од коментар.
Бугарија, за разлика од 14 други членки на ЕУ, не ги протера руските дипломати како реакција на труењето на Сергеј и Јулија Скрипал во Солсбери, Англија. Но, минатиот месец Николај Малинов, бизнисмен што раководи со проруска невладина организација, беше обвинет во Софија за шпионирање и за перење пари за руски организации.
Бугарските обвинители исто така му забранија на ветеранскиот руски службеник за надворешно разузнавање, Леонид Решетников, да влезе во Бугарија во период од десет години. Решетников е генерал-полковник на руската служба за надворешно разузнавање и поранешен шеф на рускиот Институт за стратешки студии.
Според „Еурактив“, потегот на Софија е на прв поглед изненадувачки, особено во време кога се отвораат огромни руски енергетски проекти, како „Турски тек“ и нуклеарката „Белене“, но треба да се посочи дека развојот на настаните следува кога државниот јавен обвинител Сотир Цацаров и неговиот очекуван наследник Иван Гешев беа во посета на САД.
Во јули 2018 година Грција исто така одлучи да протера двајца руски дипломати и да забрани влез на двајца други под сомнение дека се обиделе да го поткопаат договорот постигнат меѓу Грција и Македонија, пишува „Еурактив“. Москва рече дека САД стојат зад овој потег и како одговор протера двајца грчки дипломати.
На прашањето за случајот, портпаролот на Европската комисија првично изјави дека станува збор за билатерално прашање и дека извршната власт на ЕУ нема да интервенира. На прашањето како извршната власт на ЕУ е во состојба да ја задржи својата дистанција во случај кога една земја членка на ЕУ прима закани од трета земја, претставникот на ЕУ одговори дека руското мешање во грчките внатрешни работи е неприфатливо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

